Македонија
1. August 2016 - 12:40

Резервни офицери од Македонија на Академија на ЦИОР/НАТО во Естонија

Претставници од Организацијата на резервни офицери на РМ учествуваа на јазична академија во Талин, Естонија, организирана од Меѓународната конфедерација на резервни офицери ЦИОР која дејствува во рамките на НАТО.

Kако што соопштуваат од Организацијата на резервни офицери на РМ, предавачи на академијата биле офицери од САД, Велика Британија и Франција, а учествувле  земјите членки на НАТО и партнерството за мир.

На меѓународната академија покрај изучувањето на воената терминологија на англиски и француски јазик, проучувани и разменети се искуствата од областите на одбраната, безбедноста и цивилната заштита. Домаќинот Естонија пред учесниците ги претставил расположивите ресурси и организацијата на резервниот армиски состав, морнарицата и воената авијација.  

Во соопштението информираат дека амбасадорот на Република Македонија во Естонија Сашо Велјановски ја посетил македонската делегација и остварил средба со директорот на меѓународната јазична академија при ЦИОР Дејвид Епстен од чија страна бил запознат со активностите на академијата и на организацијата ЦИОР. Според Вељановски, академијата е одлична можност искуствените придобивки да бидат искористени во Македонија која претендира да стане полноправна членка на НАТО, а со тоа и на ЦИОР.