Свет
19. October 2017 - 15:20

Револуционерна гарда: Ќе се забрза иранската балистичка ракетна програма

Иранската елитна Револуционерна гарда денеска соопшти дека балистичката ракетна програма ќе биде забрзана и покрај притисоците од САД и од Европска унија за нејзино суспендирање.

- Иранската балистичка ракетна програма ќе биде проширена и ќе продолжи со најголема брзина, како реакција на непријателскиот став на американскиот претседател Доналд Трамп кон оваа револуционарна организација, се посочува во соопштението на иранската Револуционерна гарда.

Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи вчера ги отфрли агресивните критики кон Техеран упатени од Трамп оценувајќи ги како „бладање и големи лаги“ кои доаѓаат од еден „дивјак“.

- Не сакам да трошам време одговарајќи на бладање и големи лаги на дивјак, каков што е американскиот претседател, посочи Хамнеи во обраќањето пред студентите во Техеран.

Тоа е прв одговор на Хамнеи на минатонеделниот говор на Трамп против Иран.

Американскиот претседател минатата недела го обвини Иран дека не го почитува нуклеарниот договор и ги критикуваше Европејците поради учествотот во иранските енергетски проекти.