Македонија
1. March 2016 - 13:34

Рестартиран „Југохром“ со вклучување две печки

Фабриката „Југохром“ од Јегуновце денеска го рестартираше своето производство со вклучување на две печки, информираше генералниот директор на „Југохром“ Васко Скендеровски.

Тој посочи дека согласно нивната одлука донесена кон крајот на декември „Југохром“ привремено ја стопираше својата работа за време на јануари и февруари со цел да го даде својот придонес во намалувањето на загадувањето на воздухот.

- Се докажа нашето тврдење дека „Југохром“ не е единиствениот, а уште повеќе најголемиот загадувач на воздухот во регионот така што по изминување на двата месеци го рестартиравме производството со вклучување на две печки со вкупна моќност од 25 мегавати. Постепено ќе продолжиме и со враќање на работниците на работа и сегашната бројка изнесува на 400 работници. Се планира и враќање на другите работници откако ќе следи вклучување и на другите печки и достигнување на максимално дозволената моќност од 50 мегавати изјави Скендеровски.

Тој рече дека паралено и со рестартирањето ќе се продолжи и со поставувањето на системот за отпрашување.

- Во завршна фаза е добивањето на дозволата за градба, веќе е избрана и фирмата изведувач на градежните работи  иу до министерството за животна средина и просторно планирање испратен е термин планот така што очекувам дека ќе го запазиме рокот за поставување на системот за отпрашување до 31 октомври 2016-та година, рече Скендеровски.