Свет
14. May 2018 - 11:08

„Респект“: Сергеј Скрипал бил во тајна посета на Прага во 2012 година

Поранешиот полковник од руската воена разузнавачка служба ГРУ, Сергеј Скрипал, во 2012  година бил во тајна посета на Прага и се сретнал со претставници на чешките специјални служби, тврди електронското издание на чешкиот весник „Респект“.

Според изданието, станува збор за „соработка за откривање на мрежа на руски агенти".

„Респект“ наведува дека Скрипал најмалку еднаш, во 2012 година бил во Прага.

- Иако, тој беше тука кусо време, неговото патување беше искористено за средби со локалните служби, а претставници на чешките безбедносни структури потоа барем еднаш се сретнаа со поранешниот руски шпион во Велика Британија, пишува „Респект“.

Чешкиот медиум наведува дека, откако се досели во Велика Британија, Скрипал соработувал со британската специјална служба МИ6 за да ја открие мрежата на руската агентура во западните земји.

Тој имал средби со претставници на службите на земјите партнери на Обединетото Кралство, за да се осигури безбедноста на Западот. Од 90-тите години на минатиот век, во тој круг влегла и Чешка.

„Респект“ укажува дека неодамнешниот обид да се отруе Скрипал на британската територија со нервниот агенс „Новичак“, не е поврзан со неговото патување во Прага.