Македонија
30. November 2015 - 14:08

Решенија за траен работен однос за 27 волонтери во Општата болница во Охрид

Втората група од 27 волонтери во Општата болница во Охрид, денеска ги добија решенијата за воспоставување работен однос како персонал во здравствената установа.

Љубен Арнаудов, директорот на Општата болница во Охрид, потсети дека со планот за вработување на волонтерите во болницата предвидено беше вработување на вкупно 78 лица, од кои со денешната група решенија за редовен работен однос добија 54 лица.

- Благодарение на добрата соработка со министерствата за здравство и за финансии успешно се реализира најавениот процес на вработување на волонтерите. Останува процесот на вработување да биде заокружен некаде во септември идната година, со врачување решенија за преостанатите волонтери, рече Арнаудов.

Тој појасни дека станува збор за лица кои не се случајно примени во работен однос како волонтери, туку установата била приморана нивниот ангажман да го базира врз волонтерски договор. Изрази очекување дека со нивниот прием во редовен работен однос да се подобрат услугите на здравствената институција на бенефит на сите граѓани на Охрид и околината.

Волонтерите задоволни од тоа што се исполнети ветувањата дека ќе ги добијат решенијата за воспоставување редовен работен однос, уште повеќе што тоа значи некаква материјална сигурност за нив и за нивните семејства.

- Три години работев како волонтер и мошне сум благодарна за решавањето на мојот статус...Среќна сум што на овој начин ќе обезбедам редовни месечни примања, така и ќе остварам право на пензија, изјави Месуде Ризван, една од волонтерките кои денеска добија статус на редовно вработени во Општата болница во Охрид.