Свет
3. May 2017 - 10:57

Решавачка ТВ дебата пред вториот круг на претседателските избори во Франција

Двајцата кандидати за претседател на Франција, Емануел Макрон и Марин Ле Пен, во пресрет на вториот круг од претседателските избори в недела, вечерва ќе имаат телелвизиска дебата како последна можности да ги привлечат на своја страна неопределените гласачи, јави дописникот на МИА од Париз.

Се очекува Макрон вечерва „да ги нагласи нејаснотите“ во програмата на Ле Пен, како оние за откажување од еврото, кое, што веќе не се чини, не е врвен приоритет на кандидатката на Националниот фронт (ФН). 

Ле Пен од своја страна „подготвува неколку удари“ и работи на „омекнување на нејзините аргументи“.

Kандидатката на екстремно десничарскиот ФН на својот последен голем митинг во Вилпант се обиде да ги убеди своите приврзаници дека изборите се уште не се изгубени.

Таа смета дека може да биде „изненадување на изборите“ и покрај тоа што анкетите му даваат на Макрон убедлива предност од 16 до 22 процентни поени. 

На митинг во Париз, пак Макрон ги засили нападите кон Националниот Фронт, осудувајќи ги плановите на Ле Пен, кои ги оцени како „затворање, протекционизам, изолационизам и национализам“, кои според него, ќе доведат до „економска криза, беда и накусо - војна".

- Денес, битката е меѓу два строго спротиставени проекти. Оној на патриотската реформска Франција... и од друга страна на реакционерната  националистичка Франција, изјави Макрон, пред речиси 10.000 луѓе.

Ова е првпат по 1974 година, кога беше воспоставена практиката на телевизиски дуели пред вториот круг на изборите, на неа да се најдат двајца кандидати кои не доаѓаат од двете традиционално политички партии на Франција.

Последната анкета пред овој дуел на БФМ ТВ Елабе, објавена во вторникот, покажува дека Макрон има поддршка од 59 отсто од анкетираните, а Ле Пен рекордни за неа 41 проценти. Но, според анкетата, 18 отсто од испитаниците кои изјавиле дека ќе излезат да гласаат в недела, рекле дека се уште не решиле кому ќе му го дадат својот глас.