Свет
11. November 2015 - 8:35

Републиканските кандидати за Белата куќа го оспорија планот на Трамп за имиграцијата

Тројца водечки републикански претенденти за влез во Белата куќа го оспорија планот на милијардерот Доналд Трамп за депортирање од САД на повеќе од 11 милиони нелегални имигранти и за кревање ѕид долж границата со Мексико, пренесоа светските агенции. 

Во четвртата телевизиска дебата на републиканските претенденти за Белата куќа во Милвоки, во сојузната држава Висконсин, Џеб Буш, Џон Кесик и Марко Рубио го обвинија Трамп дека дава нереални предлози кои ќе и помогнат на кампањата на демократската претендентка Хилари Клинтон.

- Имаме потреба од граници. Ќе имаме ѕид. Тој ќе ја заврши работата. Доволно е да го прашате Израел. Ѕидот ја врши работата, верувајте ми, рече Доналд Трамп.

„Дванаесет милиони нелегални имигранти да бидат вратени, по 500. 000 месечно. Тоа едноставно не е можно. И е во спротивност со нашите вредности. Тоа ќе ги растури нашите заедници“, изјави поранешниот гувернер на Флорида, Џеб Буш.

- Треба да ја освојам Белата куќа, а за тоа ни се потребни реални планови, додаде тој. Според Буш нелегалните имигранти треба да добијат шанса за озаконување на својот статус, забележуваат француските медиуми.

Џон Кесик, исто така, изјави дека планот на Трамп е неспроведлив.

- Помислете на нивните семејства, повика тој и го бранеше својот предлог имигрантите кои не ги нарушиле американските закони да платат парична казна и да можат да останат во САД. 

Многумина републиканци стравуваат дека идеите на Трамп против имиграцијата ќе ги одвратат избирачите од шпанското говорно подрачје, чии гласови ќе бидат решавачки за добивање на претседателските избори во 2016 година, забележаа британските медиуми.