Македонија
12. October 2016 - 15:12

Реновирано основното училиште во Ранковце

Денес официјално е пуштена во употреба реконстурираната училишна зграда на основното општинско училиште „Христијан Тодоровски Карпош“ во општина Ранковце.

Реновирањето и комплетната замена на дотраената столарија со ПВЦ е направена во рамки на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието (ПМИО) со кој во текот на летото беа реновирани вкупно тринаесет училишта во Македонија.

Потполковник Џефри Ван Сикл од Канцеларијата за воена соработка при Амбасадата на САД во обраќањето рече дека насловите во медиумите честопати се фокусираат на поделбите меѓу луѓето - поделби врз основа на етничката или верската припадност.

- Надминувањето на овие тензии и премостувањето на разликите не е лесна задача за остварување каде било. Учениците и наставниците не можат тоа да го сторат сами. Нив им е потребна поддршката од нивните семејства, нивната заедница и нивните лидери. За надминување и санирање на поделбите се потребни здружени напори од сите, истакна Ван Синкл.

Едно од клучните достигнувања на проектот е тоа што сите основни и средни училишта во Македонија се вклучени во проектот. Најголем дел од општините, советите на родители и локалните заедници ги поддржуваат активностите за интеграција на ниво на заедница.

- Многу општини формираа совети за училишна интеграција и активно ја промовираат етничката кохезија. Советниците и просветните инспектори на Бирото за развој на образованието на национално и на регионално ниво се вклучени во спроведувањето на активности за одржливи промени и јакнење на капацитетите. Со проектот се формирани околу 400 партнерства меѓу училиштата преку кои е воспоставена интеркација меѓу наставниците и учениците од училишта со различни наставни јазици, додаде Ван Синкл.

Директорот на ООУ „Х.Т . Карпош“, Игор Николовски рече дека е презадоволен што училиштето е опфатено со овој проект, упатувајќи благодарност до Европската команда на американската војска и УСАИД.

- Благодарение на проектот комплетно е променет ликот на училишната зграда, а учениците и наставниците покрај соработка остварија и трајно пријателство со партнер училиштето „Култура“ од село Матејче, општина Липково. И денешните работилници се доказ за тоа, за продлабочувањето на соработката меѓу наставниот кадар и учениците, со што се јакнат капацитетите, продлабочјувајќи ги знаењата и вештините за поуспешна промоција и пренесување на мултиетничките и мултикултурните вредности, изјави Николовски.

Досега во рамки на проектот на ниво на држава повеќе од 4200 ученици учествувале во етнички мешани креативни работилници, дебатни клубови и наставни и воннаставни активности.

Преку Канцеларијата за воена соработка (ОДЦ), ЕУКОМ во период од пет години околу 300.000 долари на годишно ниво се издвојуваат за финансирање на реновирање на училиштата учеснички. До денес, реновирани се 61 училиште, а дополнителни две училишта ќе бидат реновирани до крајот на 2016 година.

Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието (ПМИО), којшто се спроведува од страна на Македонскиот центар за граѓанско образование е петгодишна иницијатива вредна 6,2 милиони долари, како поддршка на напорите на Владата на Македонија во процесот на етничка интеграција. Главен партнер на проектот е Министерството за образование и наука и неговите агенции.

Американскиот народ, преку УСАИД, има инвестирано над 500 милиони долари во Македонија од 1993 година. Овие иницијативи го подобруваат квалитетот на живот и ја поддржуваат транзицијата на Македонија кон стабилна и просперитетна демократија.