Бизнис
15. August 2017 - 15:36

Ременски: ВМРО-ДПМНЕ да го одблокира донесувањето на законите за минимална плата и за стечајците

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да се откажат од тесно-партиските интереси и од партиската пропаганда и да престанат да ги блокираат законските решенија за минимална плата и за решавање на статусот на стечајните работници, побара на денешната прес-конференција пратеничка на СДСМ Фросина Ременски, во Собранието на Република Македонија.

- Со вашите јалови дискусии во Собранието на Република Македонија за одбрана на криминалот и попречување на правдата, вие директно го блокирате усвојувањето на Законот за минималната плата кој ќе овозможи решавање и подобрување на стандардот на илјадници работнички семејства во Република Македонија. И Законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатија со доминантна сопственост на државата, во јавноста познат како „Законот за стечај“, со кој што ќе се реши долгата егзистенцијална агонија на овие наши сограѓани, рече Ременски.

Со овие два закона, како што наведе, илјадници работници во текстилната и кожарската индустрија во Република Македонија ќе имаат загарантиран минимален приход од 12.000 денари, наместо досегашните 9000, односно месечен износ од 7.596 денари, обезбедени средства во Буџетот на Република Македонија ќе добиваат околу 3.000 работници кои биле најмалку 15 години во работен однос во претпријатија со доминантна сопственост на државата и работниците на кои им престанал работниот однос во тие претпријатија по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок (за период од 1995 година до 31 декември 2016 година). 

- Нема да помине обидот преку грбот на граѓаните на Република Македонија и нивните реални потреби, со блокирање на процесите и постапките во Собранието на Република Македонија, да се покрие катастрофалниот рејтинг на Никола Груевски и неговата партија, која во пресрет на локалните избори со беспредметни пропаганди, дискусии и сеење страв помеѓу граѓаните на Република Македонија, се обидуваат да го попречат решавањето на проблемите што тие ги создадоа изминативе години криминално владеење, рече Ременски.

Според неа, граѓаните бараат и очекуваат решавање на нивните проблеми, создадени 11 години, како што вели, токму од власта на Никола Груевски, а денеска неговите пратеници промовираат лицемерие и лажна загриженост за проблемите на граѓаните.

- Затоа, ги повикувам сите пратеници во Собранието на Република Македонија, во име на работниците и стечајците, да го одблокираат работењето на Собранието, и заедно да ги изгласаме законите, кои што живот значат и ги очекуваат работниците и стечајците од цела Република Македонија, побара Ременски.