Македонија
26. December 2017 - 16:00

Ректорот на Универзитетот на ЈИЕ ги презентира активностите во 2017.

Ректорот на Универзитетот на југосточна Европа во Тетово Замир Дика со дел од управата на Универзитетот денеска ја одржаа традиционалната предновогодишна средба со претставниците на медиумите на која беа претставени дел од активностите за изминатата година.

Според Дика квалитетот продолжува да биде одредница или синоним и оваа година во сите активности на УЈИЕ во рамките на систематските и структурни процеси на евалуација и перформанси, а тоа го покажуваат и бројките на 12.000 дипломирани и над 3.500 студенти кои студираат на УЈИЕ и на кои на располагање им се 14 студиски програми од првиот циклус, 24 програми од вториот циклус и две специјалистички програми.

Тој го посочи како успешен проект реализацијата на иницијативата за персонализирање на знаењето, односно концептот 3.0, со што од оваа годинава сите содржини на предметите за сите студиски циклуси ги пренеле на платформата за е-учење - Гугл училница ( и евидентирале 3048 електронски ресурси објавени од нивниот универзитетски кадар кој нуди услуги за студентите.

- Персонализирањето на знаењето го крунисавме со отпочнување на системот за туторство за секој студент на Универзитетов. Нашите професори се на располагање за поддршка и советување на студентите во текот на академскиот напредок и за нивната кариера. Во насока на интернационализацијата на активностите УЈИЕ реализираше околу 50 интернационални мобилности на студентите и академскиот кадар, рече Дика.

Од останатите постигнувања за Дика значајни се фактот дека 23 отсто од студентите годинава се запишале на студиски програми кои се нудат на англиски јазик, продолжување на државната финасиска помош со десет отсто финансирање на заедничките активности, соработката со деловната заедница преку стипендирање на дел од  студентите но и реализирање на проектот преку Центарот за развој на бизнисот за зголемување на ефикасноста на компаниите и обрт од 1,2 милиони евра и нови 118 работни места во рамките на компаниите во Технолошкиот парк во рамки на универзитетот.

Според Дика целта на управата на УЈИЕ за следната година е оваа високошколска установа и понатаму да биде лидер на напредни трендови во високото образование и креатор на знаења и компетенции кои се споредливи со западноевропските универзитети.