Бизнис
28. February 2019 - 19:44

Рекордни 624 милиони евра странски инвестиции, опозицијата обвинува, власта манипулира со бројки

Рекордни 624 милиони евра директни странски инвестиции во минатата година. Опозицијата тврди дека власта манипулира со бројките. Вицепремиерот Анѓушев информираше дека 18 странски фирми во моментот градат фабрики во индурстриските зони во земјава. Вицепремиерот очекува оваа бројка за двојно да се зголеми во оваа година.

-Компании кои што не креираат евтини работни места и нископлатени работни места. Сите тие потпишаа клаузула дека платите ќе бидат над 300 евра. Има од сите сфери. Има од сферата на металната индустрија, и од мехатрониката, и од автомобилската индустрија, има и од делот на фармацијата, и од попратните дејност на фармацијата. Така што, практично дисперзирани се областите од каде што се странските инвестиции, рече Анѓушев.

Од опозицијата велат, 405 милиони евра се реинвестирана добивка на постоечките претпријатија, кои инвестирале благодарение на добрите политики на ВМРО-ДПМНЕ.

- Вистинската вредност на СДИ е само 219 милиони евра или 2.1% од БДП. Вистинското ниво на странските директни инвестиции во 2018 година е за 4 пати помало од истите во 2008 година. Власта не ја кажува вистината и манипулира. СДСМ, која ги плукаше СДИ и добрите економски политики сега се фали со резултатите постигнати од мерките на ВМРО-ДПМНЕ.

Најголем инвеститор во минатата година во земјава било Обединетото Кралство со 113 милиони евра. Потоа следат Германија со 38, Турција и Бермуди со 36, Луксембург и Бахами со 31, Грција со 26 милиони евра.

Претходната 2017 година, пак, вкупните директни инвестиции, изнесуваа 181 милион евра, што беше најслаба во последните 6 години.