Бизнис
18. February 2016 - 15:08

Рекордна 2015 година за земјоделската преработувачка индустрија

Земјоделската преработувачка индустрија ја заврши 2015 година со рекордно висок резултат во однос на производството, најголем во последните 20 години. 

Ова е оценката на Македонската асоцијација на преработувачи (МАП) што беше изнесена денеска пред состанокот со претставници на релевантните институции.

Како што изјави извршниот секретар на МАП Сашо Ристески, конкретни, официјални бројки за извозот се уште нема, но се очекуваат кон крајот на февруари, кога ќе има и повеќе детали за состојбите во секторот минатата година.

На средбата беше укажано на потребата од засилување на договорното производство и од измени и дополнувања на програмата за поддршка на преработувачката индустрија, а беа разгледани и идеи за зголемување на конкурентноста, како и за искористување на можностите за нејзино подобрување. 

- На договорите меѓу примарното производтсво и преработката треба многу да се работи. Ќе продолжиме да работиме на тоа врската меѓу примарното производство и преработката од година во година да биде на што повисоко ниво. Лани во Струмица одржав заеднички состанок со производителите, преработувачите, откупувачите, односно извозниците, каде се договараше што е она што земјоделците треба да го засадат за оваа 2016 година да не биде проблем, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков, според кој, цените на производите не зависат само од домашниот пазар, туку и од околните земји, поради што постои претпазливост и од страна на преработувачите и од земјоделците.

Во однос на субвеционирањето на преработувачките капацитети, Цветков истакна дека Програмата за директна поддршка предвидува околу 23 милиони денари. - Досега правилото беше прв дојден, прв услужен и имаше едно големо незадоволство од преработувачите. Денеска ќе разговараме за тоа и ние би прифатиле тоа да оди пропорционално. Секој колку што има извезено во 2015 година согласно податоците од царина, така средствата предвидени во програмата за оваа намена ќе бидат пропорционално распределени, информира Цветков.

Министерството годишно од Програмата за рурален развој одвојува околу 500 илјади евра за претставување на конзервната индустрија на саеми во Европа, Русија и Кина. Како што посочи Цветков, веќе се склучени договори преработувачки капацитети да имаат слободен простор во Хонгконг каде ќе можат бесплатно да ги излагаат своите производи.

- Доколку сите овие работи бидат завршени како што треба, ќе нема проблем за земјоделството во Македонија, подвелече министерот.

И Ристески нагласи дека засилувањето на договорното производство се уште останува големо поле каде има шанса за подобрување. - Бројот на договори расте, но се уште тој систем не е идеално поставен. Неопходна е подобра соработка со земјоделците, подобра координација со институциите, можности за подобрување на условите на примарните производители да произведат повеќе, поуспешно и поквалитетно, а на крајот за тоа да има бенефит не само производителот, туку и индустријата и државата во целост, рече Ристески.