Спорт плус
5. April 2017 - 12:55

Рекорден пријавени учеснички за Авицена Женска трка

Преку 1.400 натпреварувачки до денеска го пријавиле своето учество „Авицена Женска Трка“ која ќе се одржи на 9 април. Организаторите на трката соопштија дека е срушен рекордот по бројот на пријавени учеснички, иако има уште време за пријава и можно е бројот да достигне 1.500.
 
Гордана Николовска од Сојуз на Спортови на Скопје истакна дека бројот на пријавени учеснички на „Авицена трката“ ги надминал очекувањата на организаторот.
 
- Заедно создаваме спортска култура и здрав начин на живеење. Бројот на учесничките на „Женска трка“ ги надмина нашите очекувањата, а тоа го потврдува фактот дека жените почнаа да ги отфрлаат изговорите дека немаат време за себе. Ги охрабрувам сите да почнат со рекреација, без разлика на добата и временските услови. Вежбањето е единствен и сигурен извор за подолг и здрав живот, нагласи Николовска.
 
Традиционално натпреварувачки ќе трчаат на патеката долга 2 км во „Градски парк“.
 
Еден месец подоцна на програмата е „Виз Ер Скопскиот Маратон“ кој ќе се одржи на 9 мај и веќе се имаат пријавено илјадници тркачи од голем број земји низ светот, информира директорот на Скопски маратон, Кире Синадиновски на денешната прес-конференција.
 
- Пријавувањето за овогодишното издание го отворивме уште во октомври минатата година и ќе биде отворено до 30 април. Сите заинтересирани ќе можат да се пријават онлајн. До овој момент имаме примено преку 5.000 пријави од 43 земји од целиот свет, 400 од нив странци, што претставува зголемување за 20 % од истиот период минатата година, со што можеме да кажеме дека најверојатно ќе имаме рекорден број на учесници. Овој настан привлекува големо внимание кај домашната и странската популација и станува препознатлив спортско–туристички бренд во Македонија и пошироко, рече Синадиновски.
 
И оваа година на програмата се четири трки: маратон, полумаратон, штафетен маратон и трката од 5 км.
 
Насловниот спонзор „Виз Ер“ и годинава на секој учесник ќе му додели вредносен ваучер од 20 евра за купување на авионски билети преку нивната официјална страна. Овие ваучери после успешна регистрација се праќаат на мејл адреса, која учесникот ја остава при процесот на регистрација.
 
Оваа година е најавено партнерство со „Парк Хотел и Спа“ кои ќе се погрижат натпреварувачките за Авицена Женска трка да добијат подарок од „Фитнес и Спа“ и е ексклузивното место каде ќе се сместат елитните тркачи за „Виз Ер Скопскиот маратон“.
 
- Несомнено Скопскиот маратон е настан на кој треба сите да бидеме горди. Токму поради тоа, сo особено задоволство објавуваме дека од оваа година „Парк Хотел и Спа“, стана официјален партнер на „Виз Ер Скопскиот маратон“. Поддршката на оваа урбана традиција која трае со години е во согласност со нашата стратегија за општествено одговорни навики, поддршка на настани од јавен интерес како и градење на здравиот животен стил. Возбудени сме по повод нашето ново партнерство, а истовремено сме и мотивирани да и понатаму придонесуваме за што поуспешна реализација на ваков тип на манифестации, изјави Душан Марковиќ, маркетинг менаџер на „Гемак“.
 
Физичката активност и здравите навики се одличен предуслов за постигнување на саканите резултати. Нашата цел е преку поддршката на Скопскиот маратон сите заедно да го јакнеме спортскиот дух и енергија, секако и да ја шириме пораката за здрави животни навики, додаде Никола Боглев - Герман, менаџерот на „Фитнес и Спа Парк“.
 
Пријавувањето и регистрацијата за „Авицена Женската трка 2017“ и за „Виз Ер Скопски Маратон“ ќе може да се направи преку официјалната веб страна на Виз Ер Скопскиот Маратон http://skopskimaraton.com.mk/и преку партнерот за онлајн регистрација на Виз Ер Скопскиот Маратон, www.smartrace.club.