Македонија
24. јуни 2016 - 14:18

Реконструкција на две улици во општина Карпош

Општина Карпош врши поставување на нова атмосферска канализација на улицата „Рампо Левката“, по што следува реконструкција на коловозот, како и обновување на асфалтот на улицата „Ристо Равановски“, во урбаната заедница „Владо Тасевски“.

Како што се наведува во соопштението на општина Карпош, целата оваа инвестиција чини над пет милиони денари кои се обезбедени од буџетот на локалната самоуправа, а се очекува инфраструктурниот проект да заврши во наредниот месец.

Градоначалникот Стевчо Јакимовски, кој подетално го образложи инфраструктурниот проект, рече дека претходно по улицата „Дрезденска“ уште во 2011 година е направена една капитална инвестиција, а тоа е атмосферска канализација со која што сите овие улици што гравитираат кон оваа улица се поврзани со атмосферска канализација.

- Моментално се работи на атмосферска каналзиција на улицата „Рампо Левката“ и на истата ќе се изврши реконструкција на коловозот како и на коловозот на улицата „Ристо Равановски“. Со тоа практично во овој дел на општината, односно во месната заедница „Владо Тасевски“, сите проблеми кои ги имаат граѓаните во врска со атмосферска канализација, ги решаваме. Тоа значи дека граѓаните од овој дел од Општината нема да имаат никаков проблем при поројни дождови и поплави, изјави Јакимовски.