Македонија
20. July 2015 - 12:44

Реконструирани домовите на култура во Ајватовци и Бунарџик

Во населените места Ајватовци и Бунарџик во општина Илинден денеска беа отворени реконструирани домови на култура, кои во употреба ги пуштија министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и градоначалникот на Илинден Жика Стојановски. 

Имаат површина од 120 и 103 метри квадратни и за нивната реконструкција се вложени вкупно 2,1 милион денари од буџетот на општина Илинден. Тие се дел од проектот за изградба, реконструкција, санација и опремување на десет домови на културата во оваа општина. Во неа е и најголемиот, новоизградениот и комплетно опремен дом „Илинден“, кој со разновидната културна програма во изминатиот период прерасна во центар на сите културни случувања во општина Илинден. 

- Целта на пуштањето во функција на  реконструираните домови е да се овозможат подобри услови за одвивање културни настани, општествени активности и граѓанско учество. Домовите на култура во Ајватовци и Бунарџик воедно се и зони каде има целосно  бесплатен и неограничен пристап до безжичен интернет, што ќе овозможи и подобра комуникација на граѓаните со општинската администрација, изјави градоначалникот Стојановски.

Министерката за култура истакна дека се работи за капитален проект во збогатувањето на културното живеење на жителите и очекува домовите да бидат, како што рече, одлични катчиња за најразлични манифестации, здружувања и активности.

- Тие се и одлични места за пензионерите, за нивно дружење и за најразлични други друштвени игри кои ќе дадат подобар културен живот, подигнување на свеста што значи културата и уметноста.  Од десет домови, девет се веќе ставени во функција. Општината и градоначаликот планираат да реновираат и други кои се надвор од овој проект и да изградат нови. Ова е навистина фундаментално важно за граѓаните, особено за младите генерации, зашто верувам дека овде има огромен број таленти во уметноста, рече Канческа-Милевска, додавајќи дека меѓу главните приоритети на Министерството е поддршка на локалниот културен развој и дисперзија на културата. 

Досега комплетно се реконструирани и опремени и домовите на културата во Кадино, Мршевци, Бучинци, Бујковци, Текија и Дељадровци. Претстои реконструкција и на Домот на културата во Мралино, а во фаза на проектирање е и изградба на нови домови на културата во населените места Марино и Миладиновци.