Македонија
29. јуни 2022 - 14:07

Реконструиран градскиот базен „Атина Бојаџи“

 

Реконструираниот градски базен „Атина Бојаџи“ наскоро ќе почне со работа, информира градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

Според него, санирани и исфарбани се коритата на олимпискиот и детскиот базен, а уредени се и трибините. Тој посочи дека со работа ќе почнат и пливачките школи за млади.

Ова се прави првенствено за пливачките школи да може да тренираат, бидејќи пливањето е еден од најдобрите спортови за развој на нашите деца. Охрид порано бил расадник на млади и успешни пливачи, а нашата цел е тоа да се возобнови, вели Пецаков.

После 20 години, нагласува, Охрид повторно ќе биде домаќин на Државно првенство во пливање, на кое покровител е Локалната самоуправа.

Од 15 до 18 јули ќе се организира првенство со што ќе настапат најдобрите пливачи од Македонија, за сите генерации. На тоа првенство ќе можат да остваруваат резултатите кои во иднина ќе може да ги користат за добивање стипендии и тајминзи за настапи на европски и светски првенства, појасни градоначалникот.

Отворениот базен „Атина Бојаџи“, додаде, во јули ќе биде домаќин и на Меѓународен митинг на кој ќе настапат пливачи од Србија, Бугарија и Македонија, во организација на Пливачкиот клуб „Аква спирит“.