Македонија
31. December 2019 - 19:36

„Рекет“ како симбол на борбата против криминалот и корупцијата

Пријавата за „Рекет“ пристигнала во април, а Обвинителството случајот го обелодени во јули. За рекетирање ги осомничи специјалната обвинителка Катица Јанева и Бојан Јовановски, познат како Боки 13. Нивното пријателство го користиле да наплатат  1,5 милион евра од бизнисменот Камчев.

„Јас сум се гледал со Орце Камчев во време кога излезе од затворскиот притвор за случајот „Империја“, и тоа е точно. Околу фамозните приказни за куферчиња ги отфрлам како целосно невистинити. За тоа дали ме снимал Камчев, тоа си знае најдобро Јордан Камчев“, Изјави Јовановски пред отворање на истрагата за „Рекет“.

Снимките протекоа во јавноста -  го покажаа куферот со пари ама го пренесоа и гласот на обвинителката Јанева.

Специјалната обвинителка призна дека комуницирала со Камчев, но тоа го правела за да обезбеди дополнителни информации за истрагите на СЈО.. Со Боки 13-ка се познавала како и многумина во државата.

„Како и многу други лица кои во моментов се на различни државни функции се познаваме со лицето Бојан Јовановски. Никогаш не сум криела дека мојот син работи во 1ТВ и дека заради описот на неговото работно место, на дневна основа комуницира со лицето“, Изјави Јанева на последната прес конференција од говорницата во СЈО. (23 јули 2019 год.)

По еден месец од вакавата изјава, Јанева замина на соочување со Русковска. Не откри за што разговарале ама најави дека случајот ќе заврши на суд.

„Треба да знаете и мислам е тоа општо познато дека во истрага не се споделуваат инфорамции.. Ќе има веројатно, се надевам дека ќе има судење каде што ќе бидете присутни исто“, изјави Јанева по распитот кај обвинителката Русковска во август годинава. (20 август 2019 год)

По неполни 24 часа од изјавата, Јанева беше приведена и заврши зад решетки.

По три месеци минати во Шутка, поранешната обвинителка замина во домашен притвор. Го сокри ликот пред бројните новинарски екипи.

Судењето за Рекет е во тек – се сослушуваат сведоци, ќе се гледаат и видео материјали.

Во меѓувреме, обвинителството го подготвува предметот Рекет 2. Бизнисмени му платиле на Јовановски еден милион евра за Тој преку невладината Меѓународен сојуз, да гради старски домови. Според истрагата, во измамата на бизнисмените помагала и почесната претседателка на сојузот, Фросина Ременски која со својот авторитет оставала впечаток дека зад проектите на Боки 13, стои извршната власт.

Во големата судница на Кривичен, се слушна и казната за собраниските настани од 27 април. По седум месеци маратонски рочишта, во март Кацарска пресуди: вкупно 211 години затвор за 16-мината осудени.

Оваа судница ја делат и обвинети во случаите на обвинителството со кое раководеше Катица Јанева. Дел имаат завршница, некои се во тек, други ќе се судат од почеток.