Бизнис
16. July 2018 - 15:55

Рек Битола до октомври следната година треба да добие А интегрираната дозвола

До крајот на оваа недела ќе биде подготвен предлогот на Министерството за животна средина и просторно планирање за добивање А интегрирана дозвола, а целата процедура се очекува да биде завршена и дозволата да биде добиена следната година.

Ова го најави заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули при денешната посета на РЕК Битола и средбата со невладините организации и додаде дека заеднички тимови на РЕК-Битола и МЖСПП ќе разговараат за условите и задачите што ќе треба да се реализираат за да се дојде до саканата цел.

Според Макрадули, до почетокот на месец октомври, кога се прават инвестициските планови за следната година ќе биде завршена процедурата и добиена таа дозвола.

- Процесот на добивање „А-интегрирана“ дозвола вклучува и јавност и затоа невладините организации ќе бидат целосно информирани и ќе бидат дел од процесот за добивање на „А-интегрирана“ дозвола, рече Макрадули и соопшти дека во рамки на ИНТЕРРЕГ проектите, со Република Грција потпишан е договор за собирање податоци за меѓуграничното загадување во Битола и Гевгелија и во рамки на тој проект ќе се воведи мерење и на други компонентни како што се тешките метали во воздухот, а ќе биде финансиран и новиот план за справување со загадувањето кој што треба да го донесе општина Битола.

Претставниците на Владата на Република Македонија, менаџментот на РЕК-Битола и невладиниот сектор на денешната заедничка средба заклучиле дека со интегративен пристап може да се решаваат сите проблеми.

- Бројките за концентрацијата на ПМ честичките во воздухот, споредено со истиот период од минатата година пкажуваат драстично намалување на концентрацијата на ПМ  честички во воздухот. Пример за тоа е количеството пепел кое лани изнесуваше над 30.000 метри квадратни, а сега има само 5.000 метри квадратни. Очигледно е дека во РЕК-Битола е избран вистински правец, правец на баланс меѓу енергетиката и заштитата на животната средина, посочи Макрадули.

Менаџментот на РЕК-Битола реализира повеќе проекти на третманот на пепелта, а во текот на годината ќе се врши темелна реконструкција на електростатските филтри што не се сервисирани од 1996 година, најави директорот на РЕК-Битола, Васко Ковачевски.

- За реконструкцијата на електростатските филтри предвидовме 5,5 милиони евра за оваа година, а за наредните две години уште 15 милиони евра со што со вкупна инвестиција од над 20 милиони евра ќе ги исполниме стандардите кои се барани од ЕУ. Веднаш потоа ќе почне десулфуризацијата како скап процес кој сепак ќе го решаваме со сопствени средства, но и со владина и меѓународна поддршка, истакна Ковачевски и оцени дека средбите со граѓанските организации се за да се обезбеди нивна поддршка посебно во делот на имплеменацијата на еко-проектите