Македонија
29. November 2022 - 21:16

Регистрирано првото здружение за изучување македонски јазик во Грција - Зошто нема нови здруженија?

Пионерски чекор е регистрацијата на Центарот за македонски јазик во Лерин за официјално признавање на македонското малцинство во соседна Грција. Сепак, се работи за невладина организација, а имајќи ја предвид ригидноста на грчката политика јасно е дека уште долго време нема да има институционално решавање на проблемот, велат политичките аналитичари. Тоа значи дека самите Македонци во Грција, како грчки граѓани ќе треба да бидат похрабри, погласни и почесто да формираат свои организации, па дури и партии, посочуваат аналитичарите.

Грчкиот суд неделава ја потврди регистрацијата на Центарот за македонски јазик во Лерин, процедура која беше почната неколку месеци. Сител стапи во контакт со лица од Центарот, но тие јавно не сакаат да говорат. Дури и во интервју за медиум, говореле анонимно.

Во соопштение од Центарот објавено на Фејсбук велат дека се работи „за прва невладина организација во Грција, која директно ќе се грижи за македонскиот јазик и која законски е регистрирана од страна на грчките државни органи“.

Според основачите овој чин де факто значи признавање и на македонското говорно население во Грција и прво официјално споменување на македонскиот јазик по пописот во 1920 година кога македонскиот јазик бил наведен како јазик што го зборува одреден дел од населението.

Но, од самиот Центар велат дека ова е само почеток целта е да се воведе македонскиот јазик како изборен предмет во грчките училишта во регионите каде живее ова население.

Според Евегенија Нацулиду, активистика за правата на Македонците во Грција овој Центар може да значи признавање на македонскиот јазик во Грција како странски јазик, што прозилегува од Преспанскиот догвор, но не и како македонски малцински јазик.

„Значи, борбата мора да продолжи...Ако Грција сакаше да го признае македонско малцинство, ќе го регистрираше друштво "Дом на Македонската Култура" што чека 30 години регистрација иако победи 3 пати во ЕСЧП!!“, вели таа.