Македонија
27. October 2021 - 9:58

Регионалната соработка во фокусот на средбата Димитров – Брегу во Белград

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на маргините на првиот ден од Белградскиот безбедносен форум, вчера, одржа средба со генералната секретарка на Советот за регионална соработка – РСС, Мајлинда Брегу на која главениот фокус беше унапредување на регионалната соработка како механизам за европеизација на регионот и придвижување во процесот на европска интеграција.

Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, вицепремиерот Димитров истакна дека регионалните иницијативи се исклучително значаен сегмент на процесот бидејќи го претставуваат регионот во конструктивно светло.
 
Регионот треба да делува на начин што ќе испрати порака дека со членството во ЕУ ќе испорача повеќе решенија отколку проблеми, ориентираност кон иднината наместо кон минатото. Поврзувањето на земјите од регионот и заемната поддршка за остварување на целите и интересите носат директни бенефити за граѓаните, но се и важен стратешки чекор во исполнување на заедничката определба за европска иднина, истакнал Димитров.
 
Генералната секретарка Брегу, се наведува, нагласи дека европската интеграција на регионот е крајната визија на активностите на РСС и го посочи придонесот на Македонија за просперитет и стабилност во регионот што мора да биде валидиран во контекст на процесот на пристапување бидејќи испраќа важна порака кон останатите земји.
 
 
Состанокот послужи за пресек на напредокот на Западниот Балкан и исполнувањето на стратешките цели на РСС како платформа за реформска трансформација на регионот, како и статусот на конкретните проекти. Беа дискутирани и наодите од последното издание на Балкан Барометар 2021 објавено во јуни, стои во соопштението од СЕП.