Македонија
5. September 2017 - 12:56

Регионалната соработка предуслов за справување со безбедносните предизвици во 21 век

Кога зборуваме за мирот и безбедноста во регионот сите сме свесни дека постојат многу фактори и чинители кои ја детерминираат безбедноста на секоја држава поединечно и на регионот како целина. При тоа поаѓам од степенот на демократија, владеењето на правото и правната држава во секоја држава, па се до новата констелација на меѓународните односи. Кога зборувам за овие „внатрешни“ фактори кои ја детерминираат безбедноста, мое мислење е дека се уште заостануваме кога станува збор за демократските процеси сфатени во нивната најширока смисла, како и во функционирањето на правната држава. Ова го истакна претседателот на Собранието на РМ Талат Џафери во обраќањето пред учесниците на третата Регионална конференција за безбедност „Балканот помеѓу Истокот и Западот – стари и/или нови безбедносни предизвици што од денеска се одржува во Охрид.

Притоа тој главни закани по мирот и безбедноста во регионот ги посочи бегалската криза, односно Балканската рута преку која поминаа стотици илјади бегалци, меѓународниот тероризам кој најчесто доаѓа од таканаречената Исламска држава и огранизираниот криминал во сите негови форми и облици.

- Успешното справување со овие предизвици е можно само преку целосна соработка на сите држави во регионот. Имајќи предвид низ што се поминаа државите во регионот на Западен Балкан во последната декада од минатиот век и почетокот на ова столетие, како и старите, историски антагонизми, мислам дека сите сме свесни дека само преку билатерална и мултилатерална соработка можеме да ги надминеме меѓусебните недоразбирања и во исто време да одговориме на сите предизвици кои можат да го загрозат мирот и стабилноста, како на секоја држава така и на регионот па и пошироко, истакна тој.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски од своја страна истакна дека процесот на редефинирање на геополитичките односи во светот започнат на крајот на минатиот век влегува во подинамичен период.

- Глобализацијата, мултиполарноста, цивилизациско-културолошките вредности, како и системските, пред се правно-политичките стандарди, колку и да се набљудуваат како општествени концепти, истовремено може да се земат како параметри преку кои се одредуваат димензиите или тенденциите на актуелното геополитичко пресложување на светската мапа. Историјата покажа дека ниту еден од тој судир на концепти не минува без турбуленции, сериозни закани и опасности и без жестоки спротивставувања, рече тој забележувајќи дека тие процеси можат да резултират со несогледиви реперкусии по светскиот мир и стабилност, но и по националната и колективна безбедност.

Спасовски нагласи дека токму регионалната соработка особено во безбедносната сфера е нужност без која практично е невозможно успешно справување со глобалните закани како што се миграциите, борбата против тероризмот, организираниот криминал, недозволената трговија, шверц и слично.

Желимир Кешетовиќ, продеканот на Факултетот за безбедност од Белград, предизвиците со кои се соочува регионот ги подели на автохтони, карактеристични за Балканот како место на историски судири на интересите на големите сили и на глобалните проблеми од кои не е поштеден регионот, притоа како пример наведувајќи ја како најактуелна мигрантската криза.

- Нерамноправниот распоред на ресурсите и богатствата меѓу народите, нациите, државите секако претставува потенцијална закана по мирот и безбедноста. Регионот уште повеќе се соочува со сопствените проблеми и ризици што произлегуваат од сиромаштијата, историското наследство, како и од непрагматичниот пристап кон реалните проблеми. Ова е регион во кој луѓето се прилично чувствителни и помалку рационални во споредба со преостанатиот дел на Европа, а тоа често се злоупотребува од политичките елити кои проблемите ги злоупотребуваат за лична и партиска корист, истакна тој.

Тридневната конференција во Охрид ја организира Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет во Скопје, заедно со Факултетот за безбедност од Белград, со учество на експерти од областа на безбедноста од Велика Британија, Италија, Шпанија, Данска, Унгарија, Турција, Бугарија, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Србија, БиХ, Македонија.

Собирот во Охрид има за цел да ги собере на едно место академските заедници од регионот и пошироко, кои преку презентација на експертски трудови и размена на мислења би придонеле во изнаоѓањето квалитетни насоки во справувањето со актуелните безбедносни предизвици со кои се соочува современиот свет.