Македонија
29. јуни 2016 - 21:12

Регионалната комора во Кичево и Општина Македонски Брод потпишаа меморандум за соработка

Со цел продлабочување на меѓусебната соработка, како и размена на информации меѓу двете страни во насока на подобрување на деловниот амбиентот, денеска се потпиша Меморандум за соработка меѓу Регионалната комора при Стопанската комора на Македонија со седиште во Кичево и Општина Македонски Брод.

Документот е потпишан на бизнис-средба, на којашто присуствуваа градоначалникот на Македонски Брод, Милосим Војнески, претседателот на Регионалната комора со седиште во Кичево, Игор Соколески  и  фирми од регионот.

Претседателот на Регионалната комора Игор Соколески  го истакна  значењето на соработката меѓу Стопанската комора на Македонија - Регионална комора со седиште во Кичево и Секторот за локален економски развој на Општина Македонски Брод и дека таа соработка треба да се продлабочува и интензивира преку работни состаноци и иницијативи за заеднички проекти, со цел организација на бизнис-настани и учество во заеднички проекти на ЕУ-фондовите.

Градоначалникот на Македонски Брод, Војнески ја поздрави иницијативата за заедничко поврзување и помагање на фирмите од овој регион при решавање на одредени проблеми со кои се соочуваат. Тој, исто така, ја изрази подготвеноста на Општина Македонски Брод во реализација на активностите предвидени во Меморандумот и заедничко поврзување на двете институции, со цел операционализација на програмските активности.

Целите на овој меморандум за соработка е воспоставување и развивање деловна соработка во рамките на дејностите, активностите, знаењето и искуството на секоја договорна страна, со цел заедничко унапредување на активностите, усогласување на посебните и заедничките интереси и обезбедување единствен професионален интерес на потписниците.

За да се реализираат целите на овој меморандум, потписниците ќе соработуваат преземајќи ги следните активности: организација на заеднички настани - средби, конференции, тркалезни маси, форуми, стручни расправи, работилници, размена на информации и искуства од заеднички интерес, взаемна промоција и други активности од заемен интерес.