Македонија
14. February 2016 - 20:06

Регионална обука на НАТО за справување со заканите од тероризмот во ЈИЕ

Педесеттина претставници на институции од областа на безбедноста и одбраната на десет држави од регионот, како и експерти од САД и Канада, учествуваат во работата на Напредниот курс за справување со територистичите закани во Југоисточна Европа, што со поддршка на НАТО од денеска се одржува во Охрид.

Обраќајќи се пред учесниците на собирот министерот на одбрана Зоран Јолевски изрази уверување дека оваа средба и обука ќе биде добра можност за размена на искуства и разработување методи за што поефикасно дејствување во борбата против тероризмот.

-   Ниту Македонија ниту која било држава не е имуна на заканата што ја претстаува тероризмот како глобална безбедносна закана. Тој не признава граници, националност, верска, етничка припадност, културна средина. Тероризмот најчесто ги зафаќа регионите и државите каде има воени судири, но последните настани како нападите во Франција и Белгија покажуваат дека тој е можен и во нашите средини, што секако бара наша будност и подготвеност, рече Јолевски.

Фактот што некои од организаторите и егзекуторите на теротистичките напади во Париз минале низ границите во регионот преку „Балканската рута“ на бегалци од Блискиот Исток, за министерот Јолевски само е потврда на потребата од зајакнување на меѓусебната соработка, регистрација на сите лица што ги минуваат државите од регионот, размена на разузнавачки податоци.

-  Токму дискусиите меѓу учесниците на собирот, личните контакти, врски ќе се голем придонес во што поефикасна соработката меѓу државите од регионот, за подобрување на нашата подготвеност во справувањето на безбедносните предизвици каков што е меѓународниот тероризам, нагласи министерот Јолевски.

Напредниот курс поддржан од Северноатланската алијанса во Охрид се одржува во организација на Воената академија од Скопје и Центарот за војна и мир при Универзитетот „Норич“ од САД.

-  Она што го работиме тука не е се само вообичаени дискусии на кои се нотира проблемот на тероризмот, туку начин на поврзување на активностите на сите државни институции надлежни за безбедноста во државите од регионот, се во насока на унапредување на научната мисла и академските ресурси во насока на негово спречување. Не ретроактивно, односно како решавање на веќе постоечките проблеми, туку проактивно дејствување, што е сосема различно. Очекуваме тука да ги чуеме најдобрите практики и предлози и истите да ги инкорпорираме во регионалниот безбедносен систем, истакна Тревис Морис, професор од Центарот за војна и мир при Универизитетот Норвич од САД.

Деканот на Воената академија во Скопје Гоце Поповски изрази задоволство што институцијата по четврти пат изминатите две години ја добива довербата и честа да организира ваков настан, напреден курс за воени и безбедносни експерти од сите држави од регионот.

-    На оваа обука главна тема на дискусија ќе биде актуелната тема на тероризмот како глобално зло, уште повеќе што Македонија и регионот се на главната рута на напливот на бегалци од воените зони на Блискиот Исток. Овде учесниците се претставници на државни инстутуции од регионот, што ќе помогне во развивањето методи и градењето политики за поефикасно справување со проблемот, истакна Поповски.

Регионот на Југоисточна Европа има свои специфични предизвици и проблеми кога станува збор за тероризмот како безбедносна закана. Тоа се пред се зголемениот број лица, пред се млади, кои прифаќаат радикални методи на дејствување, постоењето на недозволена трговија со стоки и услуги, социјалните нееднаквости што се употребуваат во методите за пропаганда за радикализирање на одредени групи од населението, политичката нестабилност во регионот, како и некои други фактори како недоволното искуство во политичките дејствувања, недоволната доверба на населението од регионот во институциите на системот, турбулентната социо-економска реалност.