Бизнис
3. јуни 2016 - 14:46

Регионална конференција за развојот на енергетиката во Македонија

Македонија располага со доволен потенцијал да ги задоволи своите потреби за електрична енергија од обновливи извори, но за тоа е неопходна долгорочна стратегија, финансиски средства, либерализација на пазарот и поголема флексибилност на електроенергетскиот систем во земјата.

Тоа се заклучоците од денешната конференција за „Долгорочен развој на енергетиката во Македонија-можности и пречки“, организирана од фондацијата „Конрад Аденауер“ и Центарот за енергетска ефикасност на Македонија - МАЦЕФ.

Според Константин Димитров од МАЦЕФ, преку замена на електричната енергија од фосилни горива со обновливи извори на енергија Македонија ќе се ослободи од увоз на електрична енергија, делумно од увоз на течни горива и гас и значитечно ќе го намали загадувањето на животната средина, а со сето тоа и земјата ќе стане енергетски независна.

- Македонија има три извори на обновлива енергија од ветер, вода и сонце. Производството од обновливи извори моментално се движи некаде околу 13 и 14 проценти, додека 35 проценти од потребите ги увезуваме, изјави Димитров.

Потенцираше дека исто така е значајно и намалување на потребите од електрична енергија преку примена на мерки за енергетска ефикасност.

Директорот на Агенција за енергетика на Македонија Александар Дуковски смета дека најголем потенцијал земјата има за соларна и ветерна енергија и геотермалните води во југоисточниот дел, додека најголеми пречки за развој на обновливите извори е високата цена за нивна имплементација и интегрирањето на обновливите извори во електро-енергетскиот систем.

Според податоците содржани во прирачникот за „Декарбонизација на производството на електрична енергија“, хидропотенцијалот на Македонија на големите и мали хидроелектрани заедно изнесува 5.699 гигават часови електрична енергија, очекуваниот потенцијал на електраните од ветер е 1.320 гигават часови, додека потенцијалот од сончева енергија е 200 килотони нафтен еквивалент.

На конференцијата учествуваа и професори од регионот.

Невен Дуиќ од Факултетот за машинство и бродограба во Хрватска, посочи дека една од големите дезинформации со обновливите извори е дека тие се скапи, но доколку се споредува само цената за нивно проиводство тогаш енергијата од ветерот е најевтина.

- Цената на соларната енергија од 2008 година е намалена за пет до десет пати и соларната енергија стана компетитивна на малопродажните пазари во над 100 земји во светот, додека изминатата година инвестициите во нови обновливи извори на енергија претставуваат 54 проценти од сите инвестиции во енергетиката, рече Дуиќ.

Армин Тескереџиќ од Машинскиот факултет во Босна и Херцеговина истакна дека новите енергетски директиви од Европската унија поставува апсолутни цели за заштеда на електрична енергија што важат на ниво на сите земји од ЕУ и земјите членки на енергетската заедница во кои влегува и Македонија. Посочи дека главна измена со новите директиви е тоа дека се предвидува до 2020 година да се оствари намалување од 20 проценти на вкупната потрошувачката на примарна енергија.