Македонија
10. November 2016 - 15:24

Регионална конференција за развој на граѓанскиот сектор во Западен Балкан и Турција

Во изминатите четири години 18 мрежи на 180 граѓански организации со поддршка на ЕУ работеа во земјите од Западен Балкан и Турција на промоција на реформите, напредокот и развојот во различни сектори како правата на жените, борбата против трговија со луѓе, заштита на децата, транспарентност, животна средина, климатски промени, енергетска ефикасност и многу други сектори.

Граѓанското општество е клучен столб во развојот на општеството и дава придонес кон одржлив и ефективен развој, изјави на денешниот завршен настан за Проектите кои се водат како Договори за рамковно партнерство, Лиселот Исаксон, раководител на сектор при Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на ЕК, одделение за регионална соработка и програмирање за Западен Балкан.

Ова, додаде таа, е особено важно за предпристапниот процес кон ЕУ и не е битен само односот кон Владата туку да има поширок пристап со вклученост на граѓаните. Во целиот процес додадена вредност, според Исаксон е регионалната соработка на граѓанските организации затоа што станува збор за размена на знаење, искуства, споделување на тие искуства што придонесува за понатамошен развој на целиот регион.

- Работата која што ја спроведува граѓанското општество и граѓанските организации еден вид е комплемнтарна работа на она што се случува во општеството воопшто и во регионот, а како што може да забележите денеска имаме програми кои се фокусираат на конкретни активности и имаме програми кои што покриваат еден вид трансверзални, општи теми, рече Исаксон.

Потсети дека летото, ЕУ ја усвои програмата за подршка на граѓанското општество за што се одвоени средства во висина од 8,7 милиони евра.

Завршниот настан на кој се презентираа дел од резултатите на овие неладини регионални мрежи се одржа во организација на проектот за Техничка помош за граѓански организации (ТАКСО), кој исто така е финансиски поддржан со 10,5 милиони евра од Европската Унија.

Претставниците од граѓанскиот сектор во Македонија, БиХ, Србија, Албанија и Турција, разменуваа искуства и разговараа за зајакнување на овој сектор и вмрежувањето во земјите од Западен Балкан и Турција.