Македонија
27. November 2015 - 12:30

Регионална конференција „Пристапни реформи во Западен Балкан”

Размена на искуства во однос на реформите и пристапот кон нив во процесот на евроинтеграција по презентираните извештаи е целта на регионалната конференција на тема „Пристапни реформи во Западен Балкан” што се одржува денеска во Скопје во организација на Секретаријатот за европски прашања. 

Вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими изјави дека ова е прв ваков состанок во Скопје, иницијатива почнaта заедно со сите земји од регионот со поддршка на ЕК и на германската Влада преку Агенцијата ГИЗ и Отворениот фонд за регионални проекти на Германија.

- Идејата на конференцијата е после Извештајот на ЕК, земјите од регионот кандидати за членство во ЕУ да ги разменат  искуствата и во исто време како да пристапат во однос на реформскиот пакет со цел да бидат поефикасни во однос на реформите. Ова ќе продолжи секоја година, а една земја од регионот ќе биде домаќин на ваков настан. Ние почнуваме сега во Скопје и сметаме дека ова е една иницијатива која ќе додаде вредност во однос на регионалната соработка и во однос на реформскиот пакет, рече Бесими. 

Германскиот заменик амбасадор Ханс-Хелге Сандер, изјави дека конференцијата ја одразува намерата на официјален Берлин за отпочнување нова стратегија во следење на Берлинскиот процес со инјектирање нов динамизам во процесот на проширување на Западен Балкан преку приближување на структурите на високо ниво на земјите од регионот вклучени во тој процес. 

- Се надеваме дека преку целата година ќе ја донесеме регионаланта соработка на ново ниво со цел да се подготвиме за следниот извештај на ЕК за земјата. Ќе креираме и заедничко разбирање за тоа што бара Комисијата за преку регионалната соработка, што е цел на Берлиснкиот процес, брзината на пристапниот процес во регионот да биде оптимизирана, вели заменик амбасадорот Сандер.

Според него, главен предизвик е унапредување на претпристапниот процес на регионално ниво и треба внимателно да се разгледаат сите препораки од ЕК со цел да добиеме поволен извештај наредната година. Во однос на Берлинскиот процес, додаде, сите земји одат во вистинска насока, а некои проекти даваат резулати.

За заменик министерот за евоинтеграции на Албанија Гентијан Елези, фактот дека во наредните пет години нема да има проширување на ЕУ со нови членки не обесхрабрува бидејќи вели, тоа ја потврдува состојбата со прогресот во секоја од земјите кои не се подготвени за пристапување.

- Важно е што процесот продолжува посилен од порано. Имаме многу заеднички предизвици како владеење на правото, економијата и борба против корупцијата. Албанија ги засилува напорите за справување со овие предизвици преку реформи во судскиот систем, вели Елези  

Дарија Рамљак, помошник директор во дирекцијата за евроинтеграција на Босна и Херцеговина, изјави дека ЕУ е многу заинтересирана за процесот за евроинтеграции на регионот со оглед дека од оваа година ЕК воведе нова методолгија во подготовка на извештаите за напредок на секоја од земјите кандидати.

- Оваа година беше презентиран не само прогресот во однос на усогласување со правото на ЕУ и новите позитивни трендови во регионот, туку и за некои кризи како мигантската криза и како секоја земја се справува со ова прашање, вели Рамљак.

Вршителот на должност директор на владината Канцеларија за евроинтеграции на Србија Ксенија Миленковиќ изјави дека Србија во декември очекува отпочнување на прегворите со ЕУ со отворање на поглавјата 35 за следење на имплементацијата на дооговорот со Косово и 32 за финансиската контрола.

- Кога станува збор за поглавјето 35 и нормализацијата на односите, тоа поглавје не е и не може да биде замена за дијалогот, туку се бави,пред се со следење на спроведувањето на сите договори постигнати во рамки на дијалогот. Ние остануваме посветени на дијалогот и очекуваме тој да продолжи не само на највисоко политичко ниво туку и во техничките аспекти. Се надеваме и очекуваме дека сите договори, а пред се договорот за формирање заедница на српски општини ќе се спроведе во најбрз можен рок, вели Миленковиќ.

Воведни излагања на форумот имаа македонскиот вицепремиер задолжен за евроинтеграции Бесими, шефот на Делегацијата на ЕУ во Македонија Аиво Орав и германскиот заменик амбасадор Ханс Сандер.

На конференцијата учествуваат и заменик министерот за евроинтеграции на Косово Рамадан Илази и Александар Пејовиќ државен секретар за евроинтеграции на Црна Гора.

Предвидено е да се одржат два панела пред кои куси воведни излагања ќе одржи Лоренс Мередит шеф на одделот за „Стратегија и политики“ при Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската комисија. Првиот насловен „Новата стартегија за проширување и новата генерација извештаи“ и вториот „Редефинирана методологија: позитивни аспекти и предизвици во известувањето“.

Форумот се организира во соработка со Германското друштво за интернационалнa соработка ГИЗ, во рамките на Отворениот регионален фонд за поддршка на ЕУ интеграции, финансиран од страна на Сојузното министерство за економски развој и соработка.