Македонија
4. May 2016 - 14:21

Регионална канцеларија за младинска соработка на земјите од Западен Балкан

Имплементација и поддршка на проекти и активности, што ќе придонесат за помирување помеѓу младите во Регионот, но и поттикнување на различноста, мобилноста и демократските вредности, се придобивките од Регионалната канцеларија за младинска соработка на земјите од Западен Балкан за која денеска беа промовирини досегашните активноститени пред нејзиното официјализирање на 5 јуни во рамките на Самитот за Западен Балкан, кој ќе се одржи во Париз. 

Министерот за образование и наука, Пиштар Лутфиу истакна дека целта на создавањето на Регионалната канцеларија за млади е да ја поттикне регионалната соработка особено за младите од Западен Балкан преку идентификувањето на заеднички интереси кои ќе поттикнат солидарност, разбирање и пријателство.

- Програмата и активностите на Канцеларијата ќе го зацврстат процесот на помирување на младите од Западен Балкан и ќе се борат против стереотипите, расизмот, ксенофобијата, говорот на омразата и дискриминација на база на етничка и религиозна основа, рече Лутфиу.

Нагласи дека мисијата на овие активности е уште повеќе да ја зајакне улогата на младите во одлучувањето да направи да се слуша повеќе гласот на младите во младинските политики.

Според амбасадорката на Германија во Македонија Кристине Алтхаузер, Берлинскиот процес, што започна во август 2014 година пренел јасна и важна порака, а тоа е дека регионот е важен како целина и за поединечните земји што припаѓаат на тој регион. 

- Иницијативата за Канцеларијата може да се движи напред само преку јасни политички заложби на владите-учеснички. Оние кои ги донесуваат одлуките треба да ја препознаат вредноста на оваа иницијатива. Од огромна важност е активната поддршка од највисоко ниво на власта. Министерствата и институциите мора да покажат вклученост. Ќе биде потребна политичка и финансика поддршка, но и независност од влијанија и контрола од страна на државата, истакна Алтхаузер.

Порача дека лидерите на државите треба да поттикнуваат дебата и слободно изразување, како и да промовираат толерантност кон различни гледишта.

- Тоа нема да биде лесно, напротив претставува голем предизвик. Очекувањата се големи, но резултатите ќе ги оправдаат напорите. Со тоа ќе се поддржи процесот на европска интеграција, во контекст на комуникација меѓу сите нас, граѓаните на Европа. Јас сум оптимист и верувам дека Канцеларијата ќе претставува успех на долг рок. Тоа претставува добра шанса за младата генерација од Западниот Балкан и нашиот заеднички континент, рече Алтхаузер.

Со номинацијата на претставник во Регионалната работна група, директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески истакна дека, Агенцијата ја изрази својата поддршка на овој процес, но и ги вложи своите напори во креирањето на документите кои се резултат од оваа повеќемесечна работа.

- Оваа работна група во изминатиот период од ноември 2015 до март 2016 година работеше на поставувањето на основите на оваа канцеларија, преку дефинирањето на мисијата, структурата, финансиите и нејзините активности, рече Спасески.

Во натамошниот период, нагласи тој, односно до 1 јануари 2017 година, се очекува преземање на многу важни чекори, особено во насока на формалното воспоставување на канцеларијата и нејзиното доближување до младите луѓе кои се крајните корисници. 

- Младите луѓе се носители на промените, на позитивните промени во нашите општества и тие се оние кои со помош на оваа канцеларија ќе придонесат во крајна линија кон подобрување на односите и засилена соработка меѓу шесте држави, истакна Спасески.

Според претставникот на Француско-германската канцеларија, Франк Моравиец, првиот извор на Регионалната канцеларија е граѓанското општество во Западниот Балкан, кое врши размена на млади луѓе веќе повеќе години, додека вториот е искуството од француско-германската канцеларија за млади.

-Во текот на Берлинскиот процес се покрена дискусија за ваква канцеларија, додека на самитот во Виена премиерите од Западен Балкан потпишаа документ изразувајќи ја силната политичка волја за креирање на таква канцеларија, информира Моравиец и појасни дека за тој процес биле составени работни групи во кои членуваа претставници од министерствата и граѓанските организации од сите земји кои соработувале за нејзиното формирање.

Изабел Марки-Барбо од амбасадата на Франција во Македонија истакна дека Канцеларијата на младите ќе им овозможи одредени активности, односно  професионални обуки кои ќе им бидат достапни. Се надеваме, рече таа, со канцеларијата да се зголеми размената на искуства помеѓу младите од регионот и дека ќе се создаде можност за нивен професионален ангажман.

Седиштето на Регионалната канцеларија за младинска соработка на земјите од Западен Балкан, ќе биде во Тирана, Албанија но ќе има и преставништва во секоја од земјите потписнички. Во Македонија активностите за активирање на канцеларијата ги организираат Агенцијата за млади и спорт и Француско – Германската канцеларија за млади.

Канцеларијата ќе претставува институционален механизам за соработка која ќе се базира на принципите на мир, доверба, меѓусебно почитување, солидарност и толеранција. Канцеларијата треба да придонесе за инклузивен пристап на младински размени и иновативни регионални проекти.