Македонија
8. April 2019 - 8:26

Регионална безбедност: Скопје и Атина лани го постигнаа Преспанскиот договор, годинава редот им е на Белград и Приштина

Западниот Балкан се наоѓа во клучен период за стабилизација на регионалната безбедност. Особено значајно е решавањето на билатералните спорови меѓу Скопје и Атина, а веројатно наскоро и меѓу Белград и Приштина. Со тоа ќе се затвори едно значајно поглавје и ќе се пристапи кон европските интеграции на земјите од Балканот.

Ова беше една од дебатите на шестата регионална школа за безбедност што се одржа во Струга. Темата на школата беше „Безбедносно преговарање – стратегиски и тактички аспекти во услови на криза и кризна состојба”, а учествуваа 50-тина професори и студенти од Македонија, Хрватска, Србија, Црна Гора…, во организација на Факултетот за безбедност – Скопје со поддршка од Фондацијата „Конрад Аденауер“ и Вилфред Мартенс центарот за европски студии – Брисел, а во соработка со Центарот за истражување и креирање политики.

-Состојбата во регионот е стабилна со потенцијална опасност од одредени билатерални спорови или влијанието на глобалните движења, странските повратници борци кои доаѓаат на овој дел од Балканот, но тие не се со потенцијал посериозно да ја загрозат безбедноста и стабилноста на Балканот, смета професорот Марјан Ѓуровски од Факултетот за безбедност.

Пред учесниците на школата како позитивен пример за безбедно превенирање и решавање конфликти од поголеми размери беа посочени Преспанскиот и Охридскиот договор.

-Безбедносното преговарање, превенцијата и мапирањето на безбедносните ризици придонесуваат кон навремено решавање евентуални кризи и кризни состојби и ризици со кои може да се сретнат земјите од регионот, вели Ѓуровски.

Според професорите учесници на школата, особено важно за нашата земја, која се наоѓа во длабоки реформи на безбедносниот систем да дојде до обновување и ажурирање на сите безбедносни и стратешки документи, со оглед на тоа што сите безбедносни политики што ги има се постари од пет до осум години и не можат да одговорат на времето и просторот.

-Нужно е ажурирање на сите безбедносни процени и ризици. Во реформите на безбедносниот систем да се водиме од три принципи: декриминализација, департизација и професионализација на целокупниот безбедносен систем, смета Ѓуровски.

Решавањето на билатералните спорови значајно за безбедноста во регионот

Решавањето на долгогодишниот спор меѓу Скопје и Атина, како и претстојното решавање на односите меѓу Белград и Приштина можат значајно да влијаат врз стабилизацијата на регионот.

Професорот Драган Ѓукановиќ од Факултетот за политички науки од Белград се надева дека 2019 година ќе биде одбележана со решавање на спорот меѓу Белград и Приштина, со што ќе се затвори уште едно големо прашање во регионот.

-Ако минатата година беше одбележана со Преспанскиот договор меѓу Грција и Северна Македонија, се надевам дека годинава по најавите ќе биде година што ќе го одбележи договорот меѓу Србија и Косово, истакна Ѓукановиќ.

Решението, очекува, да содржи воспоставување меѓусебни односи меѓу двете страни, но смета дека во јавноста се пренагласува прашањето со размена на териториии.

-Од друга страна, постојат индиции да дојде до блага корекција на границите меѓу Србија и Косово. Сметам дека тоа не би требало да биде препрека да дојде до конечен договор, изјави Ѓукановиќ, потенцирајќи дека тоа нема да влијае на Македонија, која е на својот евроатлантски пат.

И професорката по криминологија на Факултетот за безбедност во Белград, Александра Илиќ, смета дека решението на билатералните спорови во регионот ќе биде добро за намалување на заканите.

-Кога има воспоставена соработка меѓу две држави, вие создавате одредена заштита во регионален контакт, на неповолните појави и сите глобални закани околу организираниот криминал што ги зафаќа сите држави на Балканот, вели Илиќ.

За решавање на спорот меѓу Србија и Косово, професорот Ѓуровски смета дека прво се потребни заеднички ставови на Берлин и Брисел.

-Западен Балкан нема време за губење, имајќи предвид дека клучните безбедносни меѓународни организации сакаат да ги затворат билатералните спорови и полека да зборуваме за економски приказни и успешни интеграции на овој дел од Балканот, посочува Ѓуровски.

Соработка меѓу земјите од регионот за сузбивање на криминалот

Учесниците на школата со заедничко мислење дека е неопходна соработка на земјите од регинот за сузбивање на криминалот и глобалните закани. Ако има соработка меѓу државите, професорите сметаат дека лесно ќе се справат со криминалот и надворешните закани.

Не можеме да очекуваме борбата со криминал во Србија да подразбира дека ќе ја раздвои границата, во однос на другите околни држави. Соработка мора да се воспостави и со соседните земји и заеднички да се сузбијат несаканите појави, додава професорката Илиќ.

Мигрантската маршрута потенцијална безбедносна опасност

Како потенцијална безбедносна опасност ја детектираа и мигратската маршрута што поминува низ Балканот, но не очекуваат зголемен бран мигранти во наредниот период.

-Балканската маршрута на мигрантите ги детектира бројните слабости што постојат и во Европската Унија, што нема заеднички одговор на бегалската мигрантска криза. Според сегашните процени, не може да се очекува реално зголемување на мигрантите, но секогаш безбедносниот систем и системот за управување со кризи треба да биде подготвен да одговори соодветно на каква било криза, изјави професорот Ѓуровски.

Слаѓана Стојкова-Костоски/МИА