Македонија
25. November 2016 - 15:36

Регионален противпожарен натпревар во Куманово

Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ денеска се одржа 32-от регионален противпожарен натпревар за ученици од основни и средни училишта, во организација на Противпожарниот сојуз на Република Македонија.

Во категоријата кадети победата ја однесоа учениците од основното училиште „Крсте Мисирков“, кои се натпреваруваа со основците од Кратово, Пробиштип и Свети Николе.

-Триесет и две години одржување на вакви натпревари е навистина голема бројка, а во натпреварите учествувале 1.000 ученици. Тие имаа можност да научат нешто повеќе за противпожарната заштита да освојат награди, но и да другаруваат меѓу себе, изјави, Никола Николов претседател на противпожарен сојуз на Република Македонија

Предметниот наставник од основното училиште „Крсте Мисирков“, Јасминка Бошковска истакна дека е задоволна што учениците се покажаа како најдобри.

-Како и секоја година така и оваа учениците освоија прво место на општинскиот натпревар, а сега и на регионалниот.  Се подготвуваа подолг временски период, материјалот е доста тежок, учеа редовно и се надеваме дека и на државниот ќе освојат победа, и ќе бидат меѓу првите места, рече Бошковска.

Учениците посочија дека се задоволни од освоеното место.Најдобрите од овој натпревар ќе учествуваат на републичкиот натпревар, кој ќе се одржи наредниот месец во Кавадарци.