Македонија
3. December 2016 - 13:52

Регионален форум: Македонија има перспективи преку долгорочен развој на образованието

За 10 години Владата на Македонија изгради 74 нови училишта, рекунструира повеќе од 400 училишта, изгради нови 97 училишни и спортски сали, воведе бесплатно образование до 18 години, обезбедува бесплатни учебници...

Ова денеска го истакна Спиро Ристовски од ВМРО-ДПМНЕ во своето обраќање на Регионалниот форум за образование, презентирајќи дел од спроведените и ефектуирани реформи во македонското образование пред претставниците на пред се десничарските сестрински партии на партијата на власт од Албанија, Босна и Хрецеговина, Србија и Косово, а во организација на институтите „Роберт Шуман“ и „Павел Шатев“.

Како една од најкрупните реформи во образованието Ристовски ја издвои воведување наставна програма по една, според него, најквалитетната програма и учебници од Меѓународниот центар на Универзитетот Кембриџ, а најави и воведување наставни програми и учебници и во средните стручни и гимназиското образование.

- Станува збор за образовен сегмент кој опфаќа најголем дел од учениците во една генерација. Затоа сме многу претпазливи и во интерес на подигнување на квалитетот на средното стручно образование одлучивме да соработуваме со институциите на Европската унија, рече Ристовски.

Во однос на високото образование, тој истакна дека за време на нивниот мандат отвориле три нови универзитети, 32 факултети, 65 диспанзирани студии, а и ја намалиле партиципацијата за студирање за шест пати.

- Сумирано, на сите образовни нивоа имаме големи постигања, но и уште многу работа, истакна Ристовски.

Република Македонија, според него, има исклучителни перспективи преку заложбите за долгорочен развој на образованието. 

Ристовски рече дека состанокот се одржува во вистинско време, односно во време на кампања и дека Европската народна партија со конкретни активности ја дава целосната поддршка за ВМРО-ДПМНЕ.

Според Габор Берцели од Институтот „Роберт Шуман“ од огромна важност е да се разговара за овие теми доколку Македонија сака да ги подигне животните стандарди и условите за живот во земјата, во согласност со европските стандарди.

- Наш домаќин е политичката фондација на ВМРО-ДПМНЕ, која ја сметаме за наш конструктивен партнер во последниве 20 години. Горди сме што се дел од нашето членство, наши поранешни студенти од редовите на ВМРО-ДПМНЕ сега се на одговорни позиции во дипломатскиот кор, во владата и во собранието, рече Берцели.

Тој упати честитки до ВМРО-ДПМНЕ за тоа што,  како што рече, тие влеваат доверба во младите за да учествуваат во политичкиот живот, за нивната поддршка за младите и за жените да земат поголемо учество во јавниот живот и во процесот на носење одлуки.