Македонија
26. April 2021 - 16:32

Реформите во образованието повторно удрија по џебот на родителите, воведен задолжителен офталмолошки преглед за упис на првачиња

Образовните реформи донесоа нови трошоци за родителите. По најавата за дигитални учебници, од оваа година за упис на првачиња родителите покрај останатите документи мора да приложат и потврда за очен преглед.

Уписот на првачињата се спроведува во мај, а родителите до Сител веќе алармираа дека во услови на пандемија нема термини за преглед во државните здравствени установи. Со оглед на тоа што потврдата од офталмолог е неопходна за упис, поради кусиот рок мора да се закажуваат прегледи во приватни установи, што претставува дополнителен трошок за семејството. Ваков преглед во приватните ординации чини меѓу 700 и 1.000 денари.

Одговор зошто е донесена ваква одлука побаравме од Министерството за образование, но тие веќе четврти ден молчат.

За новата обврска не знаел ниту министерот за здравство. Тој вели дека јавните установи се на располагање на граѓаните, а доколку има потреба ќе разговара со министерката за образование.

За упис на прваче потребно е извод од матична книга на родените, лична карта од родителот, вакцинален картон и потврда од стоматолог за оралното здравје на детето. Покрај овие документи, годинава за прв пат се бара и потврда за офталмолошки преглед.

Потребни документи за запишување:

· Извод од матична книга на родените на ученикот (може и копија) - на увид
· Лична карта од родител - на увид
· Потврда за примени задолжителни вакцини – останува во училиштето
· Потврда за орално здравје од стоматолог - останува во училиштето
· Потврда за офталмолошки преглед – останува во училиштето