Македонија
31. July 2018 - 8:14

Референдумот распишан, за неговото спроведување функционална и ДИК

Распишан е референдумот за името на кој, согласно со одлуката која Собранието ја изгласа вчера, граѓаните на Македонија на 30 септември 2018 ќе треба да се изјаснат за прашањето:  „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“. Одлуката беше изгласана без присуство на пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. 

За спроведување на реферндумот веќе е функционална и Државната изборна комисија (ДИК), откако новоизбраните членови дадоа свечена изјава пред претседателот на Собранието Талат Џафери.

Според ВМРО-ДПМНЕ, референдумското прашање е непрецизно, повеќезначно и манипулативно за јавноста. Опозициската партија смета дека со тоа што е консултативен, наместо обврзувачки, се отвора можност резултатот од референдумот да се толкува како што се сака.

За прашањето и карактерот на референдумот, власта и опозицијата не успеаја да постигнат договор во изминатиот период на лидерските средби и на парламентарно ниво.

ВМРО-ДПМНЕ се уште нема објавено дали ќе го повика членството на бојкот на референдумот, за што треба да одлучат највисоките органи на партијата.

Владејачката СДСМ, пак, повторно побара поддршка за референдумот кој го смета за историска одлука со која граѓаните ќе се определат за европска и просперитетна иднина на Македонија и со што ќе се овозможи целосно спроведување на договорот со Република Грција.

- Колку и да се обидува, ВМРО-ДПМНЕ нема да ја закочи македонската иднина. Граѓаните слободно, без притисоци и достоинствено ќе дадат поддршка за влез на Македонија во ЕУ и НАТО, преку прифаќање на Договорот со Грција, порача СДСМ откако одлуката за референдумот беше поддржана со 68 гласови „за“, без против и воздржан и без пратеници од опозицијата во салата. 

Следните чекори се очекуваат од ДИК. Нејзиниот претседател Оливер Дерковски изјави дека со почитување на законите и Уставот на РМ ќе постапат и ќе направат се што е во нивна надлежност за да успее организирањето на референдумот. Наскоро ќе закажат конститутивна седница, а новоизбраните членови на Комисијата, меѓу останатото, ќе треба да придонесат да се расчистат дилемите околу Избирачкиот список. 

Обезбедените 3,5 милиони евра од државниот Буџет за спроведувањето на референдумот, според Министерството за финасии, ќе немаат влијание врз тековното работење на буџетските корисници ниту, пак, врз спроведување на буџетските програми и проекти.
 
Пораки за успешен референдум, со кој ќе се ефектуира договорот за 27-годишниот спор помеѓу Скопје и Атина, вчера повторно упати и еврокомесарот Јоханес Хан.
 
Тој посочи дека ратификацијата и успешниот референдум се суштински чекори на патот кон членство во НАТО и ЕУ и ги повика сите политички фактори конструктивно да работат за да ја постигнат оваа цел, а не да го загрозат напредокот поради дневна политика.
 
За спроведување на Договорот меѓу Македонија и Грција, кој беше потпишан на 17 јуни во Псарадес, треба да следуваат и уставни измени.
 
Премиерот Зоран Заев неодамна изјави дека ако на референдумот  нема исполнет цензус, тогаш останува институциите да одлучат, односно Парламентот да се изјасни за измените на Уставот.