Македонија
16. May 2021 - 16:46

Редици пред матичната служба во Штип по олабавувањето на рестриктивните мерки

Олабавувањето на мерките го мултиплицира бројот на склучени бракови во Штип. Од почетокот на годината до крајот на месец април во матичната служба на општината, се  венчале ист број на парови, колку што има закажано венчавки само во месец мај.

- До мај можеби сме имале максимум 50 венчавки, а сега само во мај очекуваме да има 50 –изјави Тони Станков, матичар

Протоколот за венчавки во затворено останува ист, односно во салата можат да присуствуваат младоженците, двајца сведоци, матичар и советник. Оваа услуга општината ја наплаќа 500 денари. Меѓутоа, некои се одлучуваат и за венчавка на отворено, каде е дозволено присуство на поголем број гости, но и цената е многу повисока.

- Надвор од простории, на отворено е дозволено до 40 гости и за тоа плаќаат 7.422 денари-додаде Станков

Годишно во општина Штип во просек се склучуваат помеѓу 400 и 450 бракови, а минатата година поради пандемијата имаше значително намалување.