Македонија
13. February 2016 - 15:53

Редакцијата на „Дневник“ ја додели наградата „Дописник на годината-Менде Петковски“

Новинарката Стојна Митева од регионалната телевизија „Вис“-Струмица и дописник на ТВ „Канал-5“ е годинешен добитник на наградата „Дописник на годината-Менде Петковски“ која традиционално ја доделува редакцијата на весникот „Дневник“.

Митева е наградена за серијалот телевизиски прилози на тема семејно насилство, соопштија од редакцијата на „Дневник“ кои и годинава имале силна конкуренција за традиционалната награда посветена на прерано починатиот битолски новинар Менде Петковски.

-Како дописник работам неполна една година и тоа е голем предизвик за мене, посебно што обработувам теми од социјалната сфера. За наградата „Менде Петковски“ конкурирав со неколку социјални стории. Како дописник на ТВ „Канал 5“ подолго време ја обработував темата семејно насилство но за жал институциите остануваат „глуви“ за одредување механизми за заштита од семејно насилство, истакна Митева на денешната свеченост во Битола.

Редакцијата на весникот „Дневник“ годинава по 11-ти пат ја додели наградата дописник на годината, потсети Бранко Ѓорѓески, помошен главен и одговорен уредник на „Дневник“.

-Оваа награда има за цел да ги стимулира и вреднува трудовите на дописниците ширум државата кои како што е познато работаат во прилично тешки услови и таа да биде своевиден поттик за нивниот ангажман. Имавме многу новинарски трудови и наградата и овој пат е во вистински раце, рече меѓу другото Ѓорѓески кој воедно на Митева и ја врачи годинашната награда дописник на годината во изборот на „Дневник“.

На свечениот настан во Битола учествуваа новинари, претставници на локалната самоуправа и пријатели на семејството Петковски кои како што истакна неговата сопруга Светлана Петковска професијата новинарство е од значење во нашето општество и затоа 11 години овој собир е проследен со голема присутност и посетеност.