Македонија
14. November 2016 - 15:27

Речното корито на реката Луда Мара во Кавадарци ќе се регулира

Речното корито на реката Луда Мара во Кавадарци од поранешната фабрика „Таска" до мостот во урбана заедница „Слога“, ќе се регулира. Ваква одлука беше донесена денеска на седница на кавадаречкиот општински Совет.

Како што информираше Зоран Јованчев, претседател на комисијата за финансии и буџет, локалната самоуправа е кофинансиер на овој проект, кој ќе се реализира заедно со Бирото за регионален развој на Република Македонија.

- Вкупната вредност на проектот „Реконструкција на регулирано речно корито на река Луда Мара со партерно и урбано уредување" изнесува 14.421.093 денари. Од нив, 9 милиони денари ќе се обезбедат од Бирото, а остатокот од општината, рече Јованчев.

Финансиските средства од локалниот буџет за 2017 година најпрво ќе бидат трансферирани до Вардарскиот плански регион како носител на проектот, врз основа на претходно изготвен договор за кофинансирање. Вардарскиот плански регион ќе ја изготви апликативната форма во соработка со општина Кавадарци и ќе аплицира по јавниот повик за финансирање на проекти за развој на планските региони.