Македонија
6. December 2018 - 16:26

Речиси една третина од бесплатните вакцини остана неискористена - ќе се чека до нова година

Речиси една третина од бесплантните вакцини против грип сеуште не се искористени. Од 28.000 колку што обезбеди министерството за здравство во Центрите за јавно здравје има уште 8.634 дози. Најмногу се останати во скопскиот(2.500) и битолскиот(1.600) Центар. Голем дел од лицата над 65 години со просечна и подпросечна пензија за кои беа наменети бесплатните вакцини не се појавиле на закажаниот термин за имунизација.

-Сите оние лица кои од одредени причини не се вакцинирале може матичниот да им закаже нов термин, изјави д-р Владимир Микиќ, епидемиолог во ИЈЗ.

Од друга страна, во Центрите за јавно здравје тешко се наоѓаат вакцини за заштита од грип кои граѓаните можат да ги купат за пари. И дополнително набавените 5000 од вкупно 18.000 комерцијални дози речиси се потрошени. Надлежните до Нова година ќе направат анализи како да се искористат бесплатните вакцини ако останат за да не им помине рокот.

Инаку епидемиолозите очекуваат зголемен број на болни од грип во јануари и февруари. Сезоната почна пред еден месец, но со помалку од 100 случаи неделно.