Бизнис
6. July 2016 - 15:42

Ребалансот на Буџетот утре пред матичната собраниска Комисија

Во собраниската Комисија за финансирање и буџет за утре е најавен почеток на расправата за Предлог ребалансот на  Буџетот за 2016 година.

- Во услови на длабока политичка криза со ребалансот на Буџет се предвидува намалување на растот на БДП од четири проценти на 2,3 проценти и со овој раст што се предвидува да заврши 2016 година, Република Македонија се уште се вбројува во државите коишто имаат највисок раст на БДП или во 15 држави во Европа во коишто БДП е сеуште на исклучително високо ниво, рече денеска на прес-конференција претседателот на матичната собраниска Комисија Крсто Муковски.

Има, укажа  одредени намалувања во делот на приходната страна иако се предвидува данокот на добивка да ги надмине предвидувањата од  Буџетот за 2016 година и социјалните придонеси исто така да остварат исклучително високо ниво на прибирање. На расходната страна исто така има намалување особено во делот на стоки и услуги и плати и наемнини.

Според Муковски, капиталните инвестиции ќе останат на исклучително високо ниво, а сите предвидени проекти за годинава ќе продолжат и понатаму да се реализираат, но со малку позабавена динамика.

Многу важно за македонските граѓани, посочи Муковски, за администрацијата, за пензионерите, за земјоделците,  дека сите предвидени средства за плати, пензии, субвенции ќе останат со ребалансот на Буџет во 2016 година.

За одредени капитални инвестиции, наведе, се предвидуваат дополнителни средства. Се ревидира приходната страна на буџетот за два процента подолу, согласно остварувањата во првите пет месеци од годината, се врши реалокација на средства помеѓу буџетските корисници наменети за исплата на плати, се обезбедуваат дополнителни средства за Фондот за пензиско и инвалидско осигурување со цел непречена исплата на пензии, информира Муковски.

Тој информира дека има намалување кај одредени позиции кај буџетски корисници кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација, особено заради закажаните избори на 24 април и 5 јуни и  Изборниот законик кој што има рестриктивни мерки на спроведување на реализација на капитални расходи.

- Се обезбедуваат дополнителни средства за проекти кои што се од исклучително и капитално значење за Република Македонија како што е националниот гасовод согласно динамиката и активностите, но и се обезбедуваат дополнителни средства од 6 милиони евра за изградба и на Коридор 10 односно Демир Капија - Смоквица, информира Муковски.

Макроекономските параметри и со овој ребаланс на Буџетот, нагласи, останаа на стабилно ниво, девизните резерви на крајот на годинава ќе бидат над 2 милијарди евра со што ќе се обезбеди 4 - месечна увозна зависност.  Државниот долг ќе остане на висина од некаде 36 проценти, а јавниот долг во моментов изнесува 45 проценти, со што Република Македонија согласно Мастрихшките критериуми сеуште се наоѓа во земји со умерена и ниска задолженост, рече Муковски.

Апелира до опозицијата да се врати што побргу во Собранието, како и да се постигне договор за политичката криза, од што, истакна, најмногу трпи економијата.