Македонија
23. July 2019 - 9:51

Реализирана првата етапа за обележување на првата планинарска трансверзала во Брегалничкиот регион

Членовите на Планинарско-спортски клуб ,,Голак” од Делчево ја реализираа првата етапа за обележување на планинарската трансверзала (национална патека) во Брегалничкиот регион. Првата етапа како што информираше Љупчо Чучуковски, претседател на ПСК „Голак” е завршена со чистење и маркирање на патеката.
 
-Сето тоа е направено по Књефелцовата маркација од населбата Расадник (Делчево), се до спортските терени на Голак, односно 1/5 од патеката која е долга 63 километри. Патеката е многу добро маркирана, а по истата ќе можат да се движат и почетници, истакна Чучуковски.
 
Тој додаде дека во наредниот период патеката ќе биде завршена во потполност, односно обележувањето ќе продолжи од спортските терени на Голак до врв Чавка, потоа од врв Мала Чавка до село Трсино, продолжува од село Крушево до село Драгобраште, преку село Блатец и врв Чупино, опфатени се и врвоците Мал Бел Камен и Лисец, а патеката завршува кај село Градец (над градот Виница).
 
Кога ќе бидат готови патоказите и инфо-таблите, информираше Чучуковски, тие ќе бидат поставени на патеката.
 
-Со оваа прва планинарска трансверзала во Брегалничкиот регион се очекува да се збогати туристичката понуда не само во Делчево, туку и во целиот регион, рече Чучуковски.
 
Обележувањето на првата планинарска транверзала во Брегалничкиот регион се реализира со финансиски средства од Федерација за планинарство на Северна Македонија и Агенцијата за промоција и подршка на туризмот, а е одобрена од Министерството за животна средина.