Македонија
6. January 2018 - 16:29

REAL NEWS: 3 имиња на маса на преговорите во Њујорк - Заев не ни помислува дека спорот нема да се реши

Три имиња ќе се најдат пред преговарачите во спорот за името, објавува грчкиот весник Риал Њус. Во текстот со наслов „Три имиња на маса за Скопје“, весникот наведува дека на средбата закажана за 19 јануари, медијаторот Нимиц пред Василакис и Наумовски ќе понуди три опции за името на државата во кои е вклучен зборот Македонија со географска одредница.

- Според информациите, на маса се наоѓаат имињата „Северна Македонија“, „Горна Македонија“ и „Нова Македонија“ (без превод), иако не е исклучено Метју Нимиц во последен момент да смисли едно ново сложено име. Овие имиња, се чини дека ги одбра специјалниот медијатор на ОН, помеѓу другите имиња што биле ставени на маса, како што се „Вардарска Македонија“, „Славомакедонија“, предлог што се чини дека не го прифаќаат Албанците од Скопје, пишува весникот.

Во текстот, „Real News“ наведува дека преговорите кои се водат меѓу двете држави имаат рок на траење, повикувајќи се на изјава на грчкиот премиер Ципрас дадена за време на мини министерски совет  одржан во премиерската палата.. Според Ципрас, март би можел да биде месецот во кој ќе треба да се забрзаат разговорите, и додал дека не треба уште многу време да се влече прашањето и да се мачи грчкото општеството.

И македонскиот премиер Заев посочува дека првата половина од годинава е термин во кој е очекувано да има чести средби меѓу преговарачите иако смета дека не е дојден моментот да се разговара по предлози. Заев во интервју за порталот mkd.mk, наведува дека Македонија прави максимални напори да се изнајде прифатливо решение за спорот со името. Запрашан дали би прифатил промена на Уставот согласно предлозите на Грција за име за севкупна употреба, Заев вели:

-Не се согласувам дека сите изјави од Грција се поврзани со тоа. Но не би навлегувал во дебати и во суштина, затоа што сакам да му дадам шанса на преговарачкиот процес. Ако преку медиумите соопштуваме детали од нашите позиции или стратегии како држава, верувам дека нема да придонесеме кон полесно решавање на овој проблем што Грција го има со нашето уставно име, туку верувам дека треба да ја информираме јавноста за текот на процесите, за она што се случува, одговара Заев.

Премиерот не ни помислувам спорот да не се реши.

Не дај боже, ако не се реши, тогаш, наместо Ние во Европа, ќе мора Европа да ја донесеме овде, вели Заев..