Македонија
12. September 2016 - 17:25

Реакција на Спасов на изјавата на Царовска од СДСМ

Кабинетот на дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика во реакција на денешната изјава на претседателката на Комисијата за труд и социјална политика на СДСМ,Мила Царовска, наведува дека СДСМ e партијата која ја создала социјалната сиромаштија во Македонија кога, како што посочува, „затвори 684 фабрики и оставија на улица 200.000 работници“.

- Од 60.000 приматели на социјална помош во време на СДСМ, денес бројката е намалена на помалку од 30.000. Толку од знаењето на СДСМ и неможноста ниту да се спореди со работата на владите предводени од ВМРО-ДПМНЕ. Денес СДСМ лаже и манипулира ветувајќи нешто што ниту знае ниту планира да го реализира, бидејќи сите на „Бихаќка“ знаат дека поразот на изборите им е неизбежен, се вели во реакцијата.

Доколку СДСМ знаеше да работи, се додава во реакцијата, Фросина Ременски откако беше технички назначена за министер немаше да не покаже интерес за ниту еден проект од интерес на граѓаните. Напротив, таа направи застој на околу 230 предмети кои што не ги реши во законскиот рок поради нејзините смислени опструкции и партиски наредби. Ременски остана запаметена по хаосот кој го направи во МТСП, политичките притисоци и реваншизмот кој го вршеше врз вработените и одговорните лица во институциите под министерството, стои во реакцијата.

Според Кабинетот на дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика, Ременски од тотално неразбирливи причини го блокирала проектот „Се грижиме за топол дом“ со кој што веќе 2,5 години им се помага на семејствата од социјален ризик, како и дека „одбивала да потпише записници со кои ќе можела да почне распределба на 119 социјални станови и истовремено барала лице кое е во блиски релации со функионер на СДСМ и кое не ги исполнувало критериумите да добие социјален стан“.

Во реакцијата се истакнува дека Министерството за труд и социјална политика под раководство на ВМРО-ДПМНЕ постигнало многу значајни резултати. наведени се зголемување на пензијата за 70,29 процента од 7.683 денари во 2006 година на 13.083 денари во 2015 година, како и на социјалната помош во тој период за 61, 8 проценти.

Меѓу другото е посочено зголемувањето на постојаната парична помош, како и дека е презеден проектот „Отпис на долгови на граѓани од ранливи категории“ и реализацијата на проектот „Заштита од енергетска сиромаштија“..