Бизнис
5. October 2016 - 17:34

Реакција на МЗШВ по обвинувањата на Николовски

Наместо да даде издржани предлози за надминување на проблемите, дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски намерно, по којзнае кој пат, изнесува клевети и манипулации за да ја дезинформира јавноста.

Ова е реакцијата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) по денешните обвинувања на Николовски за министерот Михаил Цветков, МЗШВ и состојбите во земјоделството.

- Николовски, кому очигледно му недостасува медиумско внимание и е опседнат со тоа дали ќе испие кафе во министерскиот кабинет, денеска повторно во јавност искажа извртени и неосновани видувања. Сето ова говори за неговата неспособност и незнаење кога е во прашање решавањето на проблемите на македонските земјоделци. Но, тоа и не е изненадување бидејќи станува збор за човек кој не може да ги види ниту прозорците во неговата канцеларија, а не па реалната слика во македонското земјоделство, посочува МЗШВ.

Министерството нагласува дека министерот Цветков не избегнува дебата во јавноста, туку очекува компетентен соговорник кој има познавање од секторот земјоделство.

- Потврда за тоа е фактот што министерот Цветков веќе имаше медиумско „соочување“ со Николовски, но на таа „дебата“ најмалку се говореше за состојбите во земјоделството, а гледачите можеа да видат и чујат политиканство од страна на дополнителниот заменик министер, кој, очигледно има ниско ниво за демократска расправа, наведува МЗШВ.

Во однос на лозарството, МЗШВ потсетува дека пред изменувањето на Законот за лозарство и винарство беа направени неколку јавни трибини за консултации со винарии и лозари. Тие ги прифатија предлозите и решенијата, за да не се појави опасност грозјето да не биде откупено. Заеднички беше констатирано дека исплатата треба да се изврши во рок од шест месеци, но во три рати. Првата рата од 20 отсто да бидат исплатени до 15 декември во годината кога е извршен откупот, следната исплата во висина од 40 проценти најдоцна до 15 февруари, додека преостанатите 40 отсто да се исплатат до крајот на април наредната година од годината во која бил откупот.

- Дополнително, со заемна согласност беше договорено да останат ланските цени: 11 денари за килограм смедеревка со 17 шеќерни единици и 19 денари за килограм кратошија со 19 шеќерни единици, нагласува Министерството.

Во врска со откупот на винското грозје, министерот Цветков во синоќешната ТВ емисија рекол, додава Министерството, дека се следи состојбата и ќе се изнајдат решенија. - Владата и денеска расправа по предлог решение на МЗШВ и по донесувањето конкретно решение, јавноста навреме ќе биде информирана, предочува МЗШВ и ги квалификува како измислици наводите на Николовски дека „инспекторите вршеле некаков притисок на откупните пунктови“.

- Ако Николовски ги сретнал и ги слушнал лозарите, тие ќе му кажеле дека инспекторите професионално си ги извршуваат своите законски обврски, подвлекува Министерството за земјоделство.