Македонија
6. October 2016 - 15:27

Реакција на Министерството на култура по обвинувањата на СДСМ за Скопскиот аквадукт

Министерството за култура ја поздравува денешната посета на Роберт Алаѓозовски на Скопскиот аквадукт, исто како што претходно тоа го стори на Скопското кале и Плаошник во Охрид. Позитивната страна од ваквиот начин на организирање прес-конференции се состои во тоа што Алаѓозовски барем ќе им покаже на своите партиски другари и членови на таканаречениот Совет за култура на СДСМ како изгледаат и каде се наоѓаат сите овие локации.

Ова е реакција на Министерството за култура по денешната прес-конференција на претседателот на Комисијата за култура на СДСМ Роберт Алаѓозовски. 

- Убедени сме дека ако Советот за култура на СДСМ и раководството на оваа партија досега знаеја за постоењето на сите овие места кои Алаѓозовски ги посетува, ќе преземеа барем една единствена активност за нивна заштита во времето кога управуваа со културните политики во земјава, стои во соопштението.

Министерството за култура, како што се наведува, ги охрабрува Алаѓозовски и СДСМ да продолжат со своите посети на локалитетите и културно-историските споменици во земјава, во насока на елементарно запознавање со културниот потенцијал на Република Македонија.

- Доколку постои интерес, подготвени сме на Алаѓозовски да му доставиме список на реализираните над илјада проекти за заштита на културното наследство на целата територија на Република Македонија, меѓу кои е и заштитата на Скопскиот аквадукт, се вели во соопштението.

Од Министерството за култура апелираат до Алаѓозовски да ја зголеми динамиката на одржување прес-конференции на локации од областа на културното наследство. За посета на сето она што е сработено и заштитено во мандатот на актуелното Министерство за култура, како што се наведува во соопштението, со овој интензитет, на Алаѓозовски и СДСМ ќе им требаат најмалку десетина години.