Бизнис
8. March 2016 - 15:16

Реакција на Кире Наумов за денешната аукција на државни хартии од вредност

Дополнителниот заменик-министер за финансии Кире Наумов реагира на денешната аукција на државни хартии од вредност и со допис до медиумите го прашува министерот Зоран Ставрески кој е основот  за задолжувањата.

- Министерството за финансии на денешната аукција на државни хартии од вредност запиша 81 милион евра во државни записи. Повторно повеќе од потребното за враќање на доспеаните обврски. Заклучно со денешната аукција нето долгот од почетокот на годината е 60 милиони евра. Дали овие средства планира да ги „истури“ во предизборниот период или е свесен за реалната  економска состојба и погрешните економски политики во изминатиот период, пишува во реакцијата од кабинетот на Наумов. 

Дополнителниот заменик-министер прашува дали задолжувањата се последица на општата намалена економска активност и драстичното намалување на редовните приливи во буџетот.

- И Народната банка на РМ во последниот извештај за макроекономските показатели констатираше потфрлање во приливите од ДДВ, данокот со најголемо учество на приходната страна. Во 2015 година и според НБРМ приливите од ДДВ се пониски за 6.3 проценти од проектираните и, што е уште поалармантно, во апсолутен износ приливите од ДДВ во 2015 година се пониски од износот собран во 2014 година, се наведува во соопштението од Кабинетот на дополнителниот заменик-министер за финансии.