Реакција на Евреите во Македонија: Да се додаде во учебниците „тогашните бугарски фашистички окупаторски власти“
Еврејската верска заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија денеска во заедничка реакција посочуваат дека не се согласуваат со намерата за бришење на етничката припадност во формулацијата „бугарски фашистички окупатор“, посочувајќи дека наместо бришење на терминот „бугарски“ би требало да се додадат термините „тогашен“ и „власт“ и секоја формулација на настаните од Втората светска војна поврзани со бугарскиот окупатор би се именувале како „тогашните бугарски фашистички окупаторски власти“.
Во реакцијата се посочува дека бришењето на терминот за етничка припадност значи „искривување на историската вистина“.
Тие наведуваат дека нивната реакција се базира на фактите дека денешна Република Македонија за време на Втората светска војна била поделена на две окупациони зони – Западна Македонија окупирана од Италија и Централна и Источна од Царска Бугарија, во кој дел живееле Евреите, како и дека тие „биле депортирани од страна на бугарскиот окупатор, а не од италијанскиот окупатор“.
– За да не дојде до погрешно учење на историјата потребно е дообјаснување кое ќе ги задоволи сите засегнати страни кои се погодени со историските случувања. Тоа значи наместо бришење на „бугарски“ да се додадат термините „тогашен“ и „власт“ и секоја формулација на настаните од Втората светска војна поврзани со бугарскиот окупатор, би се именувале како „тогашните бугарски фашистички окупаторски власти“, наведуваат Еврејската верска заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.
Тие посочуваат дека денешната модерна и демократска Бугарија, треба да го апсолвира фактот со своето минато дека била дел од Оската и директно учествувала во холокаустот на Евреите.
Според нив, за да ги изземе сегашните генерации и да ги ослободи од товарот на минатото, потребно е Софија јавно да се извини „за постапките на Царска Бугарија, за окупацијата и депортацијата на Евреите од денешна Македонија“.
– Ова наше барање се провлекува години наназад и наместо да биде финализирано, се повеќе се продлабочува. Се надеваме дека нема да дојде време кога ќе се побара од нас Евреите, кои со векови живееме на овие простори да ја избришеме колективната меморија за постапките на „тогашните бугарски фашистички окупаторски власти“, се додава во заедничката реакција на Еврејска верска заедница и Фонд на холокаустот на Евреите од Македонија.
Ново на Сител
-
Мисајловски: Ќе ги скратиме непродуктивните трошоци, за пензионерите ќе има 5.000 денари покачување на пензиите
-
Во Украина 50.150 лица се водат како исчезнати
-
ОН: На Хаити е катаклизмична ситуацијата
-
Бела куќа: САД испратија писмено предупредување на Русија за нападот во Москва, бесмислица е тврдењето за вмешаност на Украина
-
МЗШВ: Со измените во Законот за стокови резерви, оризовата арпа се вбројува во листата на стратешки култури за државата
-
ВМРО-ДПМНЕ ги потврди листите за пратеници
-
Зеленски: Русија планира голема офанзива во наредните месеци
-
18-годишен тетовец украл автомобил, па направил сообраќајка