Македонија
12. January 2018 - 16:24

Реакции за Законот за јазици: Опозицијата обвинува дека е шверцерски, академската јавност дека е противуставен

Експертската и академската јавност се едногласни - Законот за употреба на јазиците со кој се унапредува примената само на албанскиот јазик е противуставен и неговата примена во иднина ќе го наруши статусот на македонискиот јазик. Дека законот ќе ја уништи македонскиот идентите граден со години, обвинува и опозицијата, која вчера не учествуваше во работата на Собранието, но сепак Законот за употреба на јазиците  доби поддршка од 69 пратеници. Експертите предупредуваат дека примената на овој закон ќе направи огромни штети на државните и националните интереси.

Аналитичарот Владимир Божиновски вели дека овој закон е резултат на политички притисок и уцени,а не реална потреба на албанско малцинство. Собранието го донесе без никаква дебата, без никакви измени и со злоупотреба на европското знаменце.

Доколку Иванов го искористи своето право на вето, тоа само може да ја одложи, но и не и да ја спречи примената на овој закон. Божиновски смета дека последниот збор треба да го има Уставниот суд.

Итно повлекување на Законот за употреба на јазиците преку отворено писмо до пратениците побараа и угледните универзитетски професорки Катица Ќулавкова, Гордана Силјановска Давкова и Симона Груевска- Маџоска. Сметаат дека овој закон се коси со Уставот, а спорен е и членот 8 од законот кој предвидува двојазични банкноти и униформи на полицијата, пожарникарите и здравствените работници.

Овој закон нема врска со евроинтреграцијата на РМ, ниту значи хармонизација со правото на ЕУ. Затоа се чудиме на молкот на ЕУ. Овој закон не е дел од Пржинскиот договор, ниту е приоритетен. Овој закон не е дел од Рамковниот договор, ниту е во неговиот дух. Овој закон не е конкретизација на Амандманот V. Впрочем, во 2008 година, на приговорот на лидерот на ДПА до лидерот на ДУИ за неизедначување на албанскиот со македонскиот јазик тој одговори: не можам да го сменам Уставот! Сменет ли е Уставот на РМ во меѓувреме?

Поранешниот претседател Црвенковски стави вето на Законот за употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните во РМ и во единиците на локалната самоуправа во 2008. Редно е претседателот Ѓорѓе Иванов, барем еднаш, да посегне по вето, не за да манифестира моќ, туку заради правната држава. Ако пратениците повторно го изгласаат со апсолутно мнозинство, на потег е Уставниот суд на РМ, којшто мора да го (од)брани Уставот, се вели во писмото на трите универзитетски професорки.

И опозициската партија смета дека законот ја фаворизира само албанската етничка заедница, го деградира македонскиот јазик и ќе ја наруши мултикултурната кохезија.

Според законот кој вчера го донесе Собранието, во рок од 6 месеци двојазични ќе станат сите табли на институциите и патоказите во Скопје и општините каде живеат најмалку 20% Албанци. Документите, фактурите и фискалните сметки ќе се издаваат и на македонски и на албански јазик. Двојазични ќе станат и униформите на полицијата, пожарникарите и лекарите. Новиот закон дозволува на албански јазик да се водат и седниците на Владата и Собранието.

Според пресметките, имплементацијата на овој закон, земјава ќе ја чини над 1,7 милиони евра.