Македонија
11. September 2026 - 16:34

Реакции по укинувањето на пресудите за Ласкарци и Стевчо Јакимовски од Врховниот суд

Откако Врховниот суд ги укина пресудите за трагедијата кај Ласкарци и за поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, враќајќи ги предметите на повторно одлучување, во јавноста одново се разгоре дебатата квалитетот на судските одлуки. Ваквиот пресврт отвори дилеми дали поништените пресуди биле резултат на процесни пропусти, притисоци врз судиите и одлучување во корист на обвинителството, или пак недоволно аргументирани докази во претходните постапки. Дополнителен сомнеж во јавноста внесе и фактот што Врховниот суд во првичните соопштенија не ги објасни детално мотивите за ваквите одлуки, со што останува нејасно кои клучни грешки ги направиле Кривичниот и Апелациониот суд носејќи ги пресудите, за највисокиот суд да ги укине. 

Секоја избрзана судска одлука донесена под притисок е штетен експеримент со правосудството и ги руши судски стандарди, смета адвокатот Туфегџиќ.

Двете укинати пресуди за “Ласкарци” и Стевчо Јакимовски од страна на Врховниот суд се сериозен тест и аларм за правниот систем и го отвораат прашањето, дали пониските судови се почесто се впуштаат во правен егзибиционизам со своите одлуки ставајќи се во улога на сервис на јавното обвинителство и впуштајќи се во импровизација на доказите за да се донесе осудителна пресуда по секоја цена, дури и во правна ситуација кога јавен обвинител децидно изјавува дека нема докази.

Државниот јавен обвинител Ненад Савески, ги отфрли оценките дека судовите работат под притисок или во служба на јавното обвинителство и нагласи дека Врховниот суд не ги оценува обвиненијата, туку законитоста на одлуките донесени од пониските судови. 

Укинувањето на пресудата за Ласкарци е разочарување, вели премиерот Мицкоски. Има малкумина судии и обвинители кои се уште служат на претходната власт. 

ВМРО-ДПМНЕ е две ипол години на власт, ја презема полицијата, судовите, обвинтелствата и повторно СДСМ е виновна, велат од опозициската партија. Според лидерот Филипче, само европско правосудство може да спречи да се случуваат овие процеси во иднина. 

Обвинувања за правосудниот систем и правдата која се чека со години, особено за трагедија како Ласкарци, пристигнаа и од партиите Левица и ВРЕДИ.

Процесот за трагедијата кај Ласкарци, во која загинаа 16 лица, а 38 беа повредени, беше во постапка со години. Апелација минатата година драстично ги зголеми казните за осудените. Казните за раководителите на „Дурмо турс“ Белули и Мифтари скокнаа на 10 години, за вработените во техничкиот преглед на 7, додека за возачот Трифуновски останаа 14 години затвор. Сите осудени заминаа зад решетки, освен Мифтари кој избега од државата.

Врховен суд сега предметот го враќа во Апелација, каде што ќе треба да се одлучи дали ќе се ослободат од издржување на казна и повторно ќе им се суди, додека за Стевчо Јакимовски предметот се враќа на судење од почеток.