Македонија
15. March 2018 - 18:35

Реакции на експертите по уставно право за ингеренциите на Иванов

Џебно вето од шефот на државата за законот за јазици или постапка пред одговорен Уставен суд кој ќе одлучува непристрасно и објективно за одредбите, но и процедурата во кој е донесен законот. Експерите по уставно право се поделени во мислењето дали Иванов може да не го потпише указот за стапување на сила на Законот за јазици по неговото прогласување како што најави. Сепак, тие се единствени дека Законот за јазици мора да добие стручна проверка и за него да се изјасни надлежниот суд.

Доцентот по уставно право Димитар Апасиев тврди дека претседателот едноставно може законот да го стави во фиока и тој никогаш да не се објави во Службен весник.

„ Тоа е можна ситуација во мешовитите парламентарни системи, каков што е и нашиот, кога Претседателот, како инокосен извршен орган чиј легитимитет – исто како и оној на Собранието – е добиен на непосредни избори и извира директно од народот, ќе одлучи и по втор пат да не го потпише указот за законот, иако на тоа го обврзува Уставот [чл. 75, ст.3].“

Лазарова Трајковска,пак, вели дека според Уставот претседателот е должен да го потпише указот на двапати изгласан закон. Објаснува дека  преседаните со Глигоров се од времето кога не постоел Законот за Собрание во кој е дефиниран и рок од 7 дена во кој указот мора да биде потпишан. Но таа е децидна дека законот кој е донесен во процедурални опкружувања такви какви што имаше вчера мора да оди пред Уставниот суд.

„Исходот од вакви лоши законски процедури и постапки и носење закони на мускули, во праксата може да биде само пред квалитетен и одговорен суд, кој што ќе го гради својот имиџ со содржајни одлуки. Се другото е политика и политиканство. Како понатаму ќе се однесуваат политичарите, а политичар е и претседателот на државата тоа е нивно право, меѓутоа кога овој предмет ќе дојде, а треба да дојде пред Уставниот суд тој треба да си го каже своето мислење од аспект на уставноста дотолку повеќе што овој закон, за жал немаше шанса да го добие мислењето на европски и независни експерти, како што е Венецијанската комисија“.

И професорката Ристова Астеруд коментира дека законот мора да оди пред Уставен.

„Ако и Уставниот суд не се покаже на висината на задачата, тогаш целосно доаѓаме во ситуацијата на незаконско право, за кое лекот е само активирање на надзаконското право. ЗУЈ 2018 мора да биде бојкотиран и со организирање на огромен отпор. Опозицијата не смее со ништо друго да калкулира освен со одбрана на Уставот и автентичните уставни права на граѓанството кое го преставува...Дури, ако сакате така, може и да се каже дека се сменети улогите, сега Македонците ќе треба да се борат за своите права по Рамковниот!“

Уставниот судија Осман Кадриу не сака пред време да ја оценува уставноста на законот и процедруата во кој е донесен.

„Прво, законот треба да влезе во правна сила откако ќе биде објавен во „службен весник“. потоа, треба да се чека ако до судот дојде иницијатива за оценување на уставноста. таа ќе биде разгледана строго стручно, професионално и уставно. судот на крајот ќе ја донесе соодветната одлука.“

Собранискиот спикер Џафери смета дека претседателот нема опција да не го потпише прегласаниот закон.

Законот за јазици вчера беше прегласан со 64 гласа два во тензична атмосфера и без разгледување на 36-те илјади амандмани од ВМРО-ДПМНЕ.