Свет
10. May 2017 - 18:29

Разногласија во Берлин околу плановите на Макрон

Дел од германската политичка елита не е задволна од позициите на новоизбраниот француски претседател Емануел Макрон и покрај неговите заложби за понатамошен дијалог меѓу Париз и Берлин за поцврста ЕУ.

Лидерот на либерална Слободна демократска партија (ФДП), Кристијан Линднер кој според последните анкети би можел да биде нов партнер на канцеларката Ангела Меркел во идната германска влада, вели дека очекува „непријатна дискусија“ со Макрон за иднината на ЕУ.

- Тој е за ЕУ во која одговорностите се стандардизирани и нејасни, изјави Линднер за денешното издание на весникот „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“.

Како што јави дописникот на МИА од Берлин, во изјавата Линднер го критикува лидерот на Социјалдемократската партија на Германија (СПД), Мартин Шулц, кој, според него, заедно со Макрон се обидува да промовира поголемо задолжување на Владата во Берлин. 

Првите искри на релација Париз-Берлин се случија минатата недела по изјавата на советникот на Макрон, Жан Писани Фери, според кого, Германија има фикција дека останатиите членки на ЕУ ги сакаат нејзините пари поради што не може добро да ја увиди потребата од поблиска интеграција на еврозоната.

За разлика од Линднер, лидерот на СПД Шулц денеска го поддржа Макрон во неговите планови да се формира фонд во еврозоната. со кој ќе се финансираат инвестиции кои треба да донесат нови работни места.

Претходно пак германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле изјави дека некои од идеите на Макрон се нереални затоа што за нивно спроведување ќе бидат потребни промени на договорот за ЕУ, за што може да нема согласност од сите земји членки.

Новиот претседател на Франција кој в недела ја презема функцијата, наредната седмица во рамки на својата прва посета во странство ќе пристигне во Берлин, каде што со Меркел ќе разговара за низа предлози меѓу кои се и воведување на функцијата министер за финансии на Еврозоната и посебен буџет на монетарната унија.

Единствен германски политичар кој засега јавно ги поддржа овие предлози е лидерот на СПД, Мартин Шулц.