Македонија
17. April 2019 - 17:08

Различни ставови за последната средба на бугарскиот и македонскиот преговарачки тим за Гоце Делчев

Македонските членови на комисијата кои преговараат за историски и образовни прашања со Бугарија не знаеле дека на последниот состанок требало да се разговара за Гоце Делчев. Со вакво обвинување денеска излезе претседателот на бугарската комисија Ангел Димитров. Според него средбата била разочарувачка бидејќи поголем дел од состанокот минал во бесплодни разговори за тоа дали е потребно да се разговара за Гоце Делчев. Наместо за неговата личност, Димитров обвинува дека македонскиот тим говорел за неговите социолошки и политички погледи.

„Очигледно нашите колеги не сакаа воопшто да говориме за Гоце Делчев и токму тоа лично за мене е разочарувачки момент од нашата средба. Професионалната доверба се гради со деталите. Меѓу нас може да има и жестоки спорови кога се говори со аргументи, но кога се менува смислата кога не се пројавува желба воопшто да се отвори темата, тоа веќе ја преминува таа граница која ја создава добрата атмосфера за вистинска професионална работа“, изјави Ангел Димитров, Претседател на бугарската комисија за преговори. 

Членот на македонскиот преговарчки тим Петар Тодоров смета дека Гоце Делчев е значаен лик за двете држави и е потребно повеќе време за доближување на разликите. Смета дека работата на комисијата не може да се сведе само на пишување биографија на Гоце Делчев бидејќи тоа е и политика на сеќавање. Тодоров предупредува дека избрзан договор може да ги наруши пријателските односи меѓу земјите.

И двата тима се песимисти дека ќе има брз договор за Гоце Делчев. Следната средба на мешовитата македонско-бугарска комисијата на која ќе продолжат преговорите ќе се одржи во Скопје на почетокот од јуни.