Македонија
30. August 2018 - 17:57

Раздвоената постапка за „Тенк“ продолжува на 4 септември

Судењето на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во раздвоената постапка за случајот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство продолжува на 4 септември.

На денешното рочиште во Кривичниот суд беа сослушани вкупно седум сведоци предложени од обвинителството, а кои на некој начин биле вклучени во јавната набавка на блиндираното возило „мерцедес гард“ во вредност од 600 илјади евра во 2012 година.

Сведоците вкупно четири часа одговараа на директни и вкрстени прашања од јавниот обвинител Стефчо Донев, адвокатката Сања Алексиќ и обвинетата Гордана Јанкулоска. Во исказите тие го објаснија спроведувањето на јавната набавка на блиндирано моторно возило, која била дел од годишниот план за работа, потоа тендерската документација и нејзиното составување, критериумите и евалуацијата на понудите, како и самото примопредавање на возилото.

Шестмина од сведоците во 2012 година биле вработени во МВР, додека еден бил вработен во Мак Ауто Стар.

Сведокот Влатко Ѓошевски, кој во 2012 година бил началник на возен парк во МВР, кажа дека МВР има недостиг на вакви возила за задоволување на потребите, како и дека таквите стари возила често се расипувале и имало недостиг на резервни делови.

Сведокот Ненад Николовски, кој бил шеф на Одделението за менаџмент и јавни набавки во 2012 година, во претпладневниот дел од рочиштето, во својот исказ објасни дека јавната набавка била спроведена целосно во согласност со тогаш важечките законски одредби.

Сведоците во своите искази кажаа дека, не ја познаваат лично обвинетата и немале никаков контакт со неа додека таа била на функцијата министер за внатрешни работи.

Судијката Добрила Кацарска, најави дека на следното рочиште на 4 септември ќе бидат сослушани уште шест сведоци предложени од обвинителството, по што на 5 септември ќе следи изведување на писмени докази, а потоа на 10 септември ќе се започне со сослушување на сведоците предложени од одбраната.